И по четири месеци по покачувањето на платите на функционерите за дури 78 проценти досега ништо не е преземено за нивно намалување, а работниците преку своите синдикални здруженија молат за 10 или 20 процентно зголемување на платите. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов во летното издание на Клик плус на ТВ21 најави дека ќе поднесе амандман со кој ќе се бара да се вратат платите на ниво кое што беше пред одлуката на Уставниот суд. Многу е чудно тоа што не само власта туку и опозицијата која има пратеници и градоначалници со зголемени плати од 78 сложно си молчат за ова, но сите тие имаат политичка одговорност, вели Трендафилов.

„Јас како претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе поднесам амандман до сите пратенички групи во Собранието и ќе барам безрезервна поддршка, поради тоа што во истиот период ќе треба да се гласа и ребалансот на буџетот за да се обезбедат овие финансиски средства за платите за вработените во јавниот сектор и ќе барам сите пратеници сложно, како што сложно си земаат 78 проценти зголемени плати од први септември да се откажат од 78 проценти зголемените плати и да си одберат модел дали ќе биде коефициентот на сложеност кој во моментот го имаат по минималната плата и на таков начин ќе добијат околу 10 проценти – 12 проценти зголемени плати“, вели Слободан Трендафилов.

Сето ова се случува во услови кога вработени во јавниот сектор земаат плата која е под минималната. Трендафилов вели дека недозволиво е тие да земаат плата под нивото, па со додатоци да стигнат до нивото на минималецот, а сето тоа а оди и со дозвола на гранковите синдикати.

„За мене е нејасно како со нивното искуство и со нивните години во синдикалното движење дозволувале на пример основната плата на вработениот во одредена институција да биде пресметувана по коефициент на сложеност и пресметковна вредност 13.500 денари бруто, 14.500 денари бруто и да утврди 1,3 коефициент на 14.500 и тој вработен да има плата под минималната плата и потоа да добива некаква несериозна доплата до минимална плата заради тоа што законот утврдува така“, додава Слободан Трендафилов

Трендафилов говореше и за тоа што се повеќе има случаи кога има изедначување на платите на разни категории вработени како на пример медицински сестри или чистачи бидејќи примаат минимална плата. Затоа рече тој од септември со зголемување на платите во јавниот сектор од 10 проценти треба да се искористи моментот за да се направи усогласување на оние категории кои сега се на минимална плата.