ССМ го радикализира штрајкот. Утре три часа ќе биде блокиран влезот и излезот од Скопје, кај Автокоманда. Блокадата ќе почна во 07, а ќе заврши во 10 часот наутро.
Велат дека блокадите на улиците ќе продолжат и во наредните денови, на различни локации, се до исполнување на барањето за зголемување на платите за 2.806 денари.
„Каков е планот за од вторник натаму?“
-Па, најверојатно повторно ќе се вратиме и пред Владата и пред Собранието и пред другиот влез и излез на Градот Скопје. Не сакаме да останат глуви на нашето барање, веќе кога седнавме на маса и почнавме преговори и договоривме одредени работи, треба да се одврзе ќесето во Министерството за финансии и да се предвидат овие 30 милиони евра за сите вработени да бидат задоволни до крајот на годината. Можеби нема да бидат презадоволни, но на еден начин ќе се ублажи ценовниот шок, вели Иван Пешевски, потпретседател на приватен сектор при ССМ.
Но, ССМ донесе и одлука за мирување на штрајкот во три општини, откако Делчево, Виница и Демир Капија беа погодени од поплави.
-Во другите општини и во Градот Скопје секако ќе си продолжи штрајкот, а дел од екипите ќе одат таму да помогнат. Во смисла, останатите со 10% секако ќе работат, а 90% од вработените ќе си штрајкуваат. Значи, останува само во тие општини коишто беа кризни да се одвиваат оние работи за да се помогне на граѓаните и тука сме солидарни, секако дека дел од нашите екипи ќе одат на лице место, меѓутоа останатите си продолжуваат да си го искажат незадоволството, вели Пешевски.
Штрајкот на ССМ почна во средата. Вработените под државна капа велат дека поскапе се освен платите и дека со парите кои ги заработуваат не може да се преживее, а камо ли да се живее.