Судир меѓу Грција и Турција може да доведе до колапс на НАТО, иако сега таков развој на настаните е малку веројатен и покрај последното влошување на односите меѓу двете земји, вели грчкиот професор на Универзитетот Пантеон, аналитичар-турколог Димитрис Стафакопулос во интервју за РИА Новости.
Односите меѓу Турција и Грција се влиошија по 23 август, кога, според Анкара, турските воени авиони Ф-16 кои извршувале задачи на НАТО во воздушниот простор над Егејското Море, се нашле „фатени од радарот“ на одбранбениот систем на грчките воздухопловни сили стационирани на островот Крит.
Турскиот претседател Таип Ердоган рече дека Грција ќе плати „тешка цена“ ако „оди понатаму“.
– Досега Турција зборува повеќе, а прави помалку. Но, тоа не треба да нè смирува. Претпоставувам дека нема да има вооружен конфликт, бидејќи Грција е подготвена за ова и нема да дозволи вакво нешто, но и затоа што дури и мал конфликт со Грција може да доведе до кризна ситуација, до колапс на НАТО, поради судир меѓу двете земји-членки на Алијансата. Ова би било огромен проблем за НАТО во време кога сака да се прошири поради тензиите меѓу Украина и Русија, вели Стафакопулос.
Според грчкиот професор, НАТО е поверојатно „да ги повлече двете земји за уши“ и да побара меѓусебен договор.
– Она од што се плашам е дека „да ги средиме работите меѓу себе“ всушност ќе значи дека Грција, која има законски права, всушност ќе се разбере со насилникот – Турција. Ќе го направиме агресорот наш рамноправен соговорник по предлог на нашите заеднички „сојузници“ за НАТО. За мене ова ќе биде пораз кој веќе го претрпевме во однос на Македонија. На оваа земја, без закани од неа, го пренесовме нашето национално име, вели Стафакопулос.
Турција додава тој, ја виде слабоста на Грција која се покажа како послушно дете на сојузниците, кое го прави она што и го кажуваат САД и Германија.
– Бидејќи Грција ѝ попушти на мала земја со големина на Пелопонез, нема ли да ѝ попушти на големата Турција, смета Ердоган, вели Стафакопулос.
Според Стафакопулос, војната во Украина на турскиот лидер му ја покажала слабоста на Западот на полето на автономијата и енергијата на храната, а го разоткрила и демографскиот пад во Европа. Истовремено, според Стафакопулос, Турција полека се врти кон Евроазија, која ја смета за нејзина природна територија и истовремено има потенцијал во поглед на храна, енергија и бележи демографски раст.
– Значи, Ердоган нема причина да води вооружена војна со Грција, тој верува дека ќе паднеме како зрел плод, како што некогаш падна Византија по 400 години опсада, вели Стафакопулос.