„Првото прашање имено сакав да го адресирам до вицепремиерката за добро владеење, госпоѓата Грковска. И сакав за нејзе, бидејќи не верувам дека премиерот ќе одоговори бидејќи има многу отсутни министри. Овој кабинет е задолжен за транспарентност, отчетност, професионалност на институции, антикорупција, а во јавноста сведочиме како министерот Груби, функционери, претседатели на политички партии итн. се возат во скапи автомобили. А, до ДКСК во нивниот Извештај имаат скромни автомобилчиња ставено дека возат. Од сето ова произлегува прашањето дали со слободата да возат туѓи и скапи автомобили, министрите дополнително се изложуваат на ризик од корупција, злоупотреба на функција, безбедносен ризик итн. Дали министерот Груби може добро да раководи со неговото министерство бидејќи со возење на туѓ автомобил се изложува на ризик од корупција“, запраша пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска на денешната собраниска седница на пратенички прашања.
Стаменкоска Трајкоска запраша дали кабинетот на вицепремиерката Грковска презема нешто околу случајот со Груби. Јавноста треба да знае што се презема за да се намали овој ризик. Кабинетот со кој што раководи вицепремиерката покрај тоа што троши народни пари, јавноста треба да е запознаена какви чекори презел кабинетот на Грковска, какви политики за добро владение преземале.
„Моето второ прашање ќе го поставам на министерката за животна средина и просторно планирање. Министерството кое има предизвик да ја заштитува животната средина од ѓубрива, прашина, бучава, злоупотреба на вода за пиење, загадување на почвата, воздухот, регионалните депонии итн., во јавноста сме сведоци и од едно истражување што може да се направи дека нема кавлитетно управување со отпад, нема управување квалитетно со води, дека нема квалитетна климатска акција. А, сето ова е извадено од програмата која Ве поддржувам Вам да бидете Вие министерка за животна средина. „Зелен развој“ – програмата исчезна ама партијата ДУИ се ребрендираше во единствената блискост со зеленото, а тоа е бојата на парите. Вашето министерство треба да биде во тесна корелација со министерството со економија, за да има барем малку реализација и тек на проекти. А, деновиве гледаме само нарушување на внатрешната комуникација и соработка што ја имате“, нагласи пратеничката.
Таа посочи дека министерката за животна средина изјавила дека на седница на Влада била измамена и лицемерно се појавила на протест против рудникот во Иловица.„Вчера министерот Бектеши побара од Вас да ја повлечете изјавата или поинаку кажано да му се извините. Прашањето ми е конкретно, на кого ќе се извините на народот кој го прелажавте, или на министерот што го обвинивте дека ве злоупотребил за неиформирано да гласате на седница“, запраша пратеничката Стаменкоска Трајкоска.