Со длабока почит и восхит, се обраќам кон сите вас кои со љубов, знаење и пожртвуваност стоите на првата линија во борбата за животот. На големиот и свет празник на Свети Пантелејмон, вашиот небесен заштитник моето срце е исполнето со благодарност за сè што правите за нашите граѓани, пишува на социјалната мрежа на Фејсбук пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменковска Трајковска.
Вие не сте само лекари, медицински сестри, техничари или лица во бели мантили. Вие сте вистински херои и спасители. Секојдневно се соочувате со болка, страв и неизвесност, а сепак останувате цврсти, посветени и полни со човечност, трпение и љубов.
Вашата професија е повеќе од работа, таа е благородна и света мисија. Мисија што бара срце поголемо од стравот и душа подготвена за несебична жртва. Ви велам искрено „Благодарам!“ за секој спасен живот, за секоја пружена рака и за секој момент кога сте биле тивка сила покрај оние што се борат.
Нека Свети Пантелејмон ве чува, ве зајакнува и ви подарува здравје, мудрост и бескрајна сила. Нека секој ваш ден биде благословен, а секој ваш напор награден со радост и мир, пишува Стаменковска Трајковска во својата објава.