Народната банка, повикувајќи се на најновиот извештај на кредитната агенција „Стандард и Пурс“, наведува дека оценките за работата на централната банка се дека таа успешно ја одржува стабилноста на банкарскиот систем.
– Денарот е стабилен, а монетарната политика оди во прилог на економското закрепнување. Девизните резерви се зголемени. Банкарскиот систем во земјава е стабилен, висококапитализиран и профитабилен, а финансиските услови остануваат поволни. Стапката на нефункционални кредити е ниска. Ова се накусо оцените за монетарната политика која се води во земјава и за финансиската стабилност, посочува Народната банка, повикувајќи се на извештајот.
Во извештајот е нагласено дека девизните резерви се повисоки. Во јули годинава, и покрај отплатата на еврообврзницата во износ од 500 милиони евра, девизните резерви бележат раст во споредба со истиот период минатата година.
Кредитната агенција не очекува флуктуации на девизниот пазар што значи дека курсот на денарот ќе остане стабилен. Во извештајот се наведува и дека доколку се јави потреба, Народната банка би интервенирала, вклучително и преку репо–линијата од 400 милиони евра од Европската централна банка.
Очекувањата за инфлацијата на „Стандард и Пурс“ за годинава соодветствуваат со проекцијата на Народната банка од 2,2 проценти.