Денеска стапи на сила. ограничувањето на цените на руските нафтени деривати, што го воведоа Г7, ЕУ и Австралија,

Европските увозници веќе го намалија уделот на Русија во увозот на нафтени производи на 27 отсто во декември од повеќе од половина пред почетокот на војната во Украина, објави АП.

Американските добавувачи истовремено ги зголемија испораките на рекордни нивоа, од 34.000 барели дневно на почетокот на 2022 година на 237.000 барели дневно досега во јануари, според S&P global.

Новите рафинериски капацитети, кои ќе бидат пуштени во употреба оваа година во Кувајт и Саудиска Арабија и следната година во Оман, исто така можат да помогнат во замена на руските нафтени деривати.

Индија е уште еден потенцијален извор за нафтени деривати, а Русија, од друга страна, мора да најде нови клиенти, посочува американската агенција.

Глобалните пазари ќе мора да се прилагодат на новонастанатата ситуација по ценовните ограничувања на руските нафтени деривати и може да има краткорочен скок на тие цени, предупредуваат аналитичарите.

Танкерите ќе имаат подолг транспортен пат до Европа од САД, Блискиот Исток или Индија отколку од руските пристаништа на Балтичкото Море.

Зголемувањето на цената на горивата е главниот фактор зад големиот скок на инфлацијата во Европа.

Групата од седум најбогати земји, Г7, ЕУ и Австралија воведоа ценовни ограничувања за рускиот дизел и другите нафтени деривати како дел од санкциите против Русија поради нејзиниот напад врз Украина.

Мерката следи по претходното ограничување на цената на руската нафта, за која ЕУ, Г7 и Австралија поставија горна граница на цената на суровата нафта од 60 долари за барел од 5 декември.

Коалицијата во петокот соопшти дека поставила горна граница од 100 долари за барел за производите што се тргуваат со премија во однос на нафтата, главно дизелот, и 45 долари за барел за производите што се тргуваат со попуст, како што се мазутот и рафинираната нафта.

Г7 најавија дека во март ќе ја ревидираат одлуката за ограничување на цената на руската нафта, која стапи на сила на 5 декември.