Стапката на невработеност на САД во септември се намали на 3,5 проценти, што е најниско во изминатите 50 години од декември 1969 година, додека работодавачите додадоа скромни 136.000 работни места, соопшти денеска Министерството за труд на САД.
Стапката на невработеност веќе подолго време се движи под границата од 4 проценти – во август беше 3,7 отсто. Голем број Американци кои не биле запишани во статистиката за вработување во последните неколку месеци затоа што биле обесхрабрени да најдат работа по финансиската криза се вратија на пазарот на трудот во последните месеци.
Американската економија создаде 136.000 работни места минатиот месец по 168.000 во август, што беше ревидирано од нејзината прва проценка за 130.000.
Аналитичарите очекуваат бројките за септември да бидат ревидирани нагоре. Во изминатите три месеци во просек се отворани по 157.000 работни места.