Заклучно со вчера има 828 случаи со коронавирус, што е стапка на заболување од 40,3 на 100 000 жители и во однос на Европа е се уште ниска стапката на заболување. Во Скопје има 312 слуачи, а во Куманово 200. Досега се направени над 8.000 тестови што е околу 4.000 тестови на еден милион жители и тоа не става на врвот во регионот по број на направени тестови, за споредба – трипати повеќе од Србија. Во овој момент не треба масовно тестирање, и по препораки на Светската здравствена организација се тестираат само симптоматските случаи.
Ова го кажа епидемиологот д-р Владимир Микиќ попладнево на онлајн информативна видеосесија на тема „КОВИД-19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот“, што се одржува во Владата.
На 100 000 жители, најмногу заболени има во Дебар – 176, а следен град со повеќе од 100 заболени на 100 000 жители е Куманово – 140. Во другите градови се под сто заболени..
Вкупно има 34 смртни случаи асоцирани со коронавирус во земјава односно 4,1 процент стапка на смртност, а стапката на смртност во светот од 6,2, особено е во висока во САД и во три земји во Европа.
Микиќ рече дека повеќе од 65 отсто од починатите кај нас се над 60 години. Најмногу заболуваат лицата од 50 до 59 години односно се уште бројот на заболени на повозрасни е далеку пониска во однос на другите возрасни групи. Инфицирани има од 0 до 91 години. На прииближно 24 проценти од сите заболени им требало болничко лекување, а повеќе од половина од сите хоспитализирани имале и други заболувања, најчесто срцеви, респираторни и дијабетес.
Во светот досега, како што соопшти епидемилогот, заболени се 1,7 милиони од коронавирус, повеќе од половина милион се во САД, 160 илјади во Шпанија, 150 илјади во Италија и 90 илјади во Франција. Досега се регистрирани 108 илјади смртни случаи во светот, што е стапка на смртност од 6,2 проценти.
Најголем број смртни случаи, над 20 илјади или 3,9 проценти, има во САД, а во Европа – во Франција стапката на смртност 14,7 проценти.
На информативна видеосесија на тема „КОВИД-19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот“ одговори на претходно пратени прашања поврзани со пандемијата даваат министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Арменд Арслани и епидемиолозите од Институтот за јавно здравје д-р Жарко Караџовски и д-р Владимир Микиќ.