Старец Пајсиј СВЕТОГОРЕЦ
Старче, сонувам лоши сонови, се измачувам…
Кога ќе се случи да сониш нешто лошо, не размислувај за тоа што си го видел, како си го видел, дали и колку си виновен за сонот.
Ѓаволот, откако не успеал да те порази додека си бил буден, те посетува ноќе. Понекогаш Бог му дозволува да нѐ искушува додека спиеме, за да ни укаже дека стариот, гревовен човек во нас сѐ уште не умрел.
Другпат, нечестивиот му се приближува на човека на сон и му внушува различни сонови за да го растревожи кога ќе се разбуди. Токму затоа човек воопшто не треба да обрнува внимание на своите сонови.
Пред спиење, прекрсти се себеси и постелата, земи си крсте и икона на перница, и кажувај ја Исусовата молитва додека не заспиеш. Колку поголемо внимание им даваме на овие сонови, толку повеќе ѓаволот ќе нѐ вознемирува преку нив.
Дури и на децата, иако се малечки ангелчиња, им се случува да сонуваат кошмари. Непријателот доаѓа и ги плаши на сон, и тие се будат преплашени, и се фрлаат во мајчината прегратка. Од друга страна, понекогаш ги посетуваат ангели, па тие од радост се смеат спиејќи, или пак се будат со огромна насмевка. Значи, соновите се надворешни искушенија што нашиот непријател ни ги приредува додека спиеме.
А може ли, старче, поради сонот што го сонил, некој да предвиди што ќе му се случи во иднина?
Не, не им обраќајте внимание на соништата. Без разлика дали се „добри“ или „лоши“, не треба воопшто да се обѕирате на нив, зашто е опасно, и може да се опрелестите. 95% од сите сништа се прелест.
Затоа светите отци ни велат дека не треба да им обраќаме никакво внимание. Многу мал број соништа се од Бога, но и да се од Него, за човек да може да ги разбере треба да има чисто срце, но и да биде особено свет, како на пример, праведниот Јосиф или пророкот Даниил од Библијата, кои имале дар од Бога. Даниил му го раскажал и протолкувал сонот на Навуходоносор.
Но, замислете ја духовната зрелост што пророкот ја имал! Бил фрлен во јама со лавови а тие, иако биле гладни, не го повредиле. Авакум му донел храна, а Даниил му рекол: „Боже, зарем си спомна за мене?“.
Ако Бог не си спомнал за пророкот Даниил во лавовската јама, тогаш за кого би спомнал?
Исто така, најчесто го сонуваме она поради кое што се грижиме дење. Кога некој е загрижен, или е многу изморен, тогаш нештата што го загрижуваат или изморуваат ги гледа на сон.
И мене честопати ми се случува тоа: дење се справувам со секакви луѓе и со нивните проблеми, на пример, со неправдата што ја искусиле, и ноќе сонувам како се расправам со неправедните, велејќи им: „О, безбожнику, зарем немаш чувства?!“ – и се будам од сопственото викање.