Последната ноќ девојката кај татко и не ја минува сама. Дента едно момче или девојче ги повикува сите нејзини другарки вечерта да дојдат, да ја чуваат девојката. Бидејќи секоја женска челад додека е девојка уште је викаат цуца, па и овој обичај се вика чување цуца.

Нив има се дава поголема и одвоена соба. Во средината на собата седи свршената девојка и околу неа се поредуваат нејзините другарки. Во знак дека свршената девојка жала што ја остава родителската куќа и своите другарки, почнува да плаче, а тоа плачење преоѓа и во умерено кукање. Во плачењето се придружуваат и другарките.

Откако добро ќе се наплачат, во некоја доба на ноќта почнуваат да се веселат и да тупаат на дајре. Во исто време се игра и оро. Вака трае до зора. За сето време на играњето и пеењето никој од машките не смее кај нив да отиде. Утрото некои другарки си одат во своите куќи, а некои остануваат да и се најдат за време на облекувањето во невстинската облека.

Оваа иста вечер додека девојките се веселат, една жена меси погача која се вика сваќа. Родителите на девојката и нејзините роднини, таткото на момчето го викаат сват, а мајката – сваќа, та по нејзиното име и погачата се вика сваќа. Така, иста погача со исто име се меси истата вечер и кај момчето, бидејќи и родителите на момчето и неговата роднина, родителите на девојката ги викаат: сват и сваќа.

Погача во црепна под сач

Додека погачата се меси и во црепна под сач се пече, жените и девојките пеат разни песни. Овие две погачи за време на свадбата се изменуваат и се ставаат на чело на свадбената софра.

Истата ноќ, додека девојките ја чуваат цуцата кај момчето се наоѓа целата роднина. Машките се веселат, пеат и играат ора, а само жените подготвуваат за утрешниот ден се што е потребно.

Утредента во закажаното време почнуваат да се собираат сватовите. Ако патот е долг, сватовите доаѓаат со коњи. На секој коњ се обесува по една проста риза. Сватовите се собираат во една одредена соба, тука пеат и играат, а нив роднината весело ги служи со ракија или вино.

Додека сватовите се собираат и се веселат, побратимот кој е оженет и има живи родители, го зема свршеното момче за рака и го одведува во собата, каде што ќе го бричат и облекуваат, насобраната женска роднина му пее различни песни. Честопати побратимот нема што да обриче, но пак тој обичај точно се прави.

Свршеното момче и девојка мора да имаат нова свадбена облека.

Облекувањето почнува по овој редослед: прво момчето облекува убаво извезена кошула со јакна, која под грлото се закопчува со убаво копче. По кошулата облекува џамадан со или без ракави, кој е однапред на градите и ракавите ишаран со срмен или свилен гајтан. Над џамаданот облекува долама, која секогаш се шие од клашна (волнен шајак); и, и таа е со црн гајтан, од свила, волна или памук по краевите и секаде каде што е потребно заради симетрија е ишарана, а пак полите (левата и десната) под колената правилно се составауваат. Потоа се опашува со еден волнен појас, а преку тој појас доаѓа друг, поубав и поскап појас. на главата става фес, а околу вратот обесува сребрен синџир со саат, и после тоа облекува ќепе. Ако е зима облекува бечви, а ако е лето тозлуци од волна и ги врзува со свилени или срмени потколенки, а најпосле обува отворени чевли за да му се гледаат и чорапите.

Алтан на свилената кошула

Откако вака ќе го спремаат му даваат во рацете еден убав извезен пешкир за и тој да се страми како невестата. А друг пешкир му закачуваат на десната страна од појасот. Една убава свилена шамија му се врзува на вратот, а напред, каде што се закопчува кошулата на свилен конец виси еден алтан (златна пара).

Коњите на кои ќе јава кумот старосватот, побратимите и момчето на гривата имаат од едната и од другата страна везени долги и убави крпи (ризи).

Побратимите го земаат момчето за рака и го водат кај родителите да им бакне рака, а тие него во челото; откако ќе им бакне рака на родителите, потоа им бакнува рака и на другите сватови, а на прво место на кумот и на стариот сват.

Кога и тоа ќе заврши им се јавува на сите да заминат по девојката.

Бајрактарот напред го носи бајракот, кој на врвот има големо закачено јаболко, украсено со цвеќе. Околу бајрактарот, кој не е женет, се собираат сите момчиња кои по патот пеат и ги веселат другите сватови. По нив на коњите доаѓа роднината на момчето, а по нив кумот, старосватот, сватовите, побратимот (постариот). зетот и младиот побратим.

Лицето што го носи бајракот се смета и како побратим. Побратимот што одел по куќите и ги канел сватовите, таа иста карта ја носи со себе, а стариот сват ја носи погачата, која се вика сваќа.

На поаѓање жените и девојките чукаат на дајре и им пеат на сватовите. Кога нив ќе ги испратат од градот или селото, тие на едно место, ако е летно време, застануваат да ги чекаат невестата и сватовите. Целото време на чекањето го минуваат во играње и пеење.

Во исто време кога побратимите го облекуваат момчето, тогаш младите жени и девојките ја облекуваат девојката во невестинска облека, за да биде невеста.

Појас кој ретко се носи

Облеката се облекува по овој редослед: прво, се облекува долга кошула, која на ракавите е со разнобојна, доста вкусно везена со свила, таа е десет прсти оддалечена од петиците, долу на кошулата везот е памучен и секогаш бел. По кошулата облекува елек, кој може да биде со ракави или без ракави, однапред тој е украсен како и машкиот џамадан, а од него се разликува по тоа што од десната и од левата страна се наредени по еден, два па и три реда копчиња. Над елекот се облекува зобанче, кое не смее да биде подолго од кошулата, туку за неколку прсти покусо, како би можела да се гледа и кошулата; кратките долакти ракави се украсени со гајтани, а на крајот шест прсти подвиткани за да може да се стават пари или нешто друго. Откако ќе ги подигне полите, прво се опашува со еден прост појас. Во левата и десната пола става реси од друг појас, кој се ткае, и две жени почнуваат да ја опашуваат. Ресите пак, се едно до друго начичкани како чичка.

Овој појас подоцна во животот многу ретко се носи. бидејќи премногу е тежок за носење и е неудобен. За појасот закачуваат бовча и таа го трга предниот дел на кошулата. Бовчата личи на кецела и неа на разбој ја ткаат. Над бовчата за појасотр уште повеќе напред да трга, се закачуваат неколку убави шамии. Над тие шамии се стават павти. Најпосле облекува џока, која може да биде двојна: ако е зима- зимна, (од волна), а ако е лето – летна (од чоја). Става шарена капа, а над неа дарпна, која ја прават од бело платно, а од страните е везена, тој вез се вика ветка. Најпосле обува жолти чевли кои ги викаат – филари.

По облекувањето настанува китење. На ушите и обесуваат по еден или два чифта неудобни обетки; на челото и стават чомра, која е украсена со стари бели пари, а на средината на тие пари, на челото и обесуваат по пет до петнаесет алтани со разна големина, на прстите и ставаат по неколку сребрени неудобни прстени.

А над сето ова и обесуваат дулек, кој се шие од чоја, од едната страна тој личи на вреќа, а пак од другата страна, каде што е главата постепено се стеснува во едно подебело и околу со цвеќе и босилек ишарано возвишение, кое личи на китка цвеќе. Штом девојката се облече во невестинска облека, доаѓаат родителите, роднините и пријателите, да ја видат невеста и да се опростат од неа. За цело време на спремањето другарките и пеат песни.

Доаѓаат сватовите…

Пред да стигнат сватовите кај невестата, еден побратим кој јава на коњ, со картата во торбата, поаѓа и им јавува на родителите на девојката дека доаѓаат сватовите, ја вади од торбата картата со вино и им дава да се напијат. После ова побратимот кој го викаат мустулџија, добива една крпа и се враќа кај сватовите.

Кога ќе дојдат сватовите и ги воведат в куќи, слегуваат од коњите влегуваат во собата и по старешинство седнуваат на софрата во два реда. Двајцата побратими со момчето, кои се наоѓаат во средината или седат на истата софра со сватовите или пак малку подалеку стојат од нив, чекајќи што порано да ја изведат невестата од девојкината соба – за да се појде.

Кога невестата ќе биде спремна за поаѓање, побратимите, зетот и неколку роднини и оддалечени од куќата, каде што е свадбата, на едно место спремаат софра, ракија и вино та околу неа наседнуваат малку да ручаат, заради обичај. Тука тие се веселат додека сватовите со невестата не тргнат после им се придружуваат и одат понатаму.
Сватовите ги послужуваат неколку момчиња кои на девојката и се роднина со ракија, со вино и со кафе. Некаде се дава мал ручек или ужина.

Старосватот ја дава својата сваќа (погача), а ја зема девојкината, и после тоа се јавува за тргнување. Сватовите се редат онака како што дошле. Невестата јава на коњот, а од страните ја држи роднината на момчето. Кога сватовите ќе тргнат од куќата на девојката, едно момче го води коњот на невестата, и кое за тоа добива од кумот јаболко, во кое има неколку гроша. После уздата на коњот ја зема кумот, и тој така ја води до куќата на момчето.

(Од книгата „Народните умотворби од Дебар и неговата околина“ од Михајло Велиќ, Скопје 2000 г.)

Подготви: Марко Китевски