Постанок и потекло
За постанокот и за потеклото на селото не постојат изворни пишани документи. Како населба Зубовце се споменува за прв пат во еден турски дефтер датиран од 1595 година. Меѓутоа сосема е извесно дека Зубовце е нешто постара населба од овој прв датиран податок за што говорат многу преданија и легенди, пренесувани генерациски од колено на колено до ден-денес.
Во едно прифатено народно предание, за кое се верува дека во себе ја содржи тајната за постанокот и за потеклото на селото Зубовце, се раскажува дека пред да се формира сегашното село, на три километри источно пред него, во месноста Пилигринци, постоела организирана населба, составена од десет-петнаесет православни семејства. Се занимавале со земјоделие и сточарство. Со своите градинарски и млечни производи, како врвни мајстори, биле познати во поширокиот полошки простор, а како вредни, работливи и угледни домаќини биле ценети и почитувани од тогашната турска власт. Меѓу нив имало мошне угледни и влијателни семејства. Едно од нив било семејството Ѓеѓиновци, кое покрај другото имало и стадо од околу 12 илјади овци. А со своето влијание се издвојувало и семејството Поповци.
Непосредно покрај населбата, минувал главниот пат што ги поврзувал и другите населби коишто, во тоа време, биле формирани во Полог. По патот често крстосувале разни арамиски банди, ги напаѓале жителите и им го ограбувале сето она што, со многу труд, го спечалиле за своите семејства.
Не можејќи да се спасат од честите пљачкашки наезди и да ги преодоелеат неволите што им ги правеле арамиите, жителите на Пилигринци побарале помош од тогашниот главен турски намесник. Но и тој како што се раскажува во преданието, не бил моќен да им обезбеди сигурен и спокоен живот па, за да ги заштити од арамиските банди им предложил да го напуштат Пилигринци и да се повлечат подлабоко во планината. За да бидат што подалеку од очите на арамиите.
И навистина. Друго чаре немало. Виделе не виделе, жителите на Пилигринци започнале со подготовки за преселба и за повлекување подлабоко кон планината. Првата фамилија што тргнала кон планината биле Ѓеѓиновци кои се населиле во непосредна близина на денешната месност Задле. Токму затоа, главата на семејството Ѓеѓин, според преданието, се смета за основач на денешното село Зубовце. По Ѓеѓиновци на новата локација се доселило и семејството Поповци од кое произлегле и повеќе авторитетни свештени лица. Првиот поп се викал Алекса, а по него богослужение вршеле и Павле, Тофил, Методија и Саве.
Набргу по преселбата на Ѓеѓиновци и Поповци во непосредната околина на месностите: Стражник, Задкрст, Балабаноец, Задле, и Цапаркојца се доселиле и семејствата: Тунџовци, Коруновци, Трајановци, Младеновци, Желкаровци, Полковци, Дуковци, Фичуровци, Спасеновци, Форинци, Баклевци, Страшевци, Саздановци… Вкупно 26 родови од кои се развиени и разгранети денешните семејни лози и на жителите коишто постојано живеат во Зубовце и на семејствата кои се иселени од селото.
Името на селото
Како што не постојат изворни пишани податоци за потеклото и за постанокот на селото, исто така нема изворни податоци како го добило своето име. Според едно народно предание, кое е актуелно и сега меѓу зубовчани, името е произлезено од местоположбата, односно од релјефните особености на локацијата на која е распослано селото. На времето кога Пилигринци се подготвувале за преселба, за нив била најприфатлива месноста стегната меѓу планинските ридишта која, според преданието им личела на некаков зуб, по што селото го добило името Зубовце. Во едно друго предание, пак, се раскажува дека Пилигринци се населиле во месноста Зубовски поток од што е произлезено името Зубовце, а постои уште една верзија според која Пилигринци се населиле во месноата Зуб, каде што се напасувале овци, од што се сложиле и името Зуб + овци = Зубовци.
Приближно во исто време кога настанало Зубовце, како организирана населба, на територијата на Македонија биле формирани уште две села со исто или приближно исто име кои егзистираат и денес. Тоа се: Зубовце, што се наоѓа во атарот на општина Клечковце, Кумановско, и Зубово, сместено во југоисточниот дел на Струмичкото Поле. И двете села се настанати во шеснаесеттиот век во 1519 година, т.е. приближно во истото време од кога датираат сознанијата за постоењето на селото Зубовце, како организирана населба. Дали тоа значи дека, на времето, Зубовце било општопознато и општоприфатливо за населението кое живеело на тогашните балкански простори и дали има тоа некаква врска со денешното име на Зубовце? Тоа се прашања без одговор.
А дека Зубовце, уште од најраниот период на своето постоење, било познато, не само на полошкиот простор туку и пошироко, зборува и една легенда за која зубовчани велат дека е вистина. Имено, на времето низ Полог минувал некој познат турски трговец. Изразил желба да го посети Гостивар. И кога прашал каде се наоѓа Гостивар, му одговориле дека Гостивар се наоѓа на пет километри јужно од Зубовце…
И денес горделивите зубовчани велат: Зубовце не само што е попознато од Гостивар туку и од другите населби што егзистираат во горнополошкиот регион.
Од книгата Зубовце од Гале Фиданоски, Зубовце 2008. (Подготви Марко Китевски)