Стариот дел на Охрид или антички Линхидос бил остров во периодот од доцното бронзено време до доаѓањето на Римјаните. Тоа го покажуваат геолошките и археолошките истражувања направени во рамки на петгодишниот проект „Погранични студии, истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“.
Проектот го реализираа Археолошкиот музеј на Македонија и Институтот за класични студии од Карловиот универзитет од Прага, во партнерство со Германскиот археолошки институт, Геолошкиот институт од Прага и Универзитетот од Јужна Бохемија од Чешка, како и Заводот за заштита на културно наледство и музеј од Охрид.
Раководителот на проектот Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија во разговор за МИА појаснува дека со геолошките испитувања во рамнината, односно делот каде што се наоѓа денешниот модерен Охрид, откриле езерски седименти, со што докажале дека тој дел бил поплавен.
– И тоа не е случајно. Кога подоцна размисливме каде се сконцентрирани најголем дел од археолошките остатоци од доцното бронзено време до доаѓањето на римјаните, заклучивме дека тоа е на просторот од стариот дел на Охрид. Населбите и некрополите од античкиот период се наоѓаат баш на тој простор, бидејќи низината била поплавена, односно била дел од езерото. Согласно тоа, заклучивме дека населбите треба да ги бараме на првиот ред ридови во заднината на рамницата каде ги вршевме и ископувањата на локалитетите, истакна Арџанлиев.
Охридско-струшкиот регион имал бурно климатско минато
Во рамки на археолошките истражувања, додава Арџанлиев, годинава акцентот бил ставен на три локалитети во околината на Охрид: „Петкина нива“ и „Горица“ кај селото Лескоец и „Градиште“ кај Долно Лакочереј. На локалитетот „Петкина нива“ откриена е римска рурална вила, на „Градиште“ населба со хронологија од доцно бронзено време до хеленистички период и кај „Горица“ има хронологија од неолитот, па се до железното време.
Најголем дел од артефактите на сите локалитети се керамички наоди, кои според експертот, се добри за датирање.
– Проектот е мултидисциплинарен, имавме екипа археоботаничари, кои со посебна опрема вршат измивање на земјата и ги собираат сите археоботанички остатоци на земјата, семиња и разни други остатоци со чија помош се врши реконструкција на пејзажот, со што се хранеле луѓето, што одгледувале и слично. Со помош на јагленисани органски остатоци вршиме радиокарбонски анализи во референтни лабаратории каде што добиваме точни дати за секој од слоевите каде што откриваме и археолошки артефакти. Така наместо релативна добиваме аполутна хронологија, каде археолошките артефакти се во апсолутни дати, појасни Арџанлиев.
Целта, според него, е реконструирање на организацијата на населбите во минатото.
– Во рамки на проектот вршиме мултидициплинарни и геолошки итражувања, со чија помош увидовме дека овој крај езерски регион имал бурно, динамично климатско минато. Со реконструкција на тоа бурно минато можеме да ја реконструираме и организацијата на населбите и како луѓето се организирале во минатото да живеат околу езерото и во регионот, посочува соговорникот.
Почетоците на металургијата следен предизвик
Основните ресурси за исхрана сами ги произведувале, односно луѓето во тој период се занимавале со земјоделство и сточарство, но иден предизвик на археолозите е да истражат од кога почнала металургијата.
– Во иднина планираме акцент да ставиме и на истражувања кога почнала металургијата. Планираме тоа да го правиме мултидисциплинарно, со помош на напредни истражувања. Со помош на полен анализи ќе откриеме кога почнало да има загадувања во минатото и врз основа на тоа загадување тогаш специјалистите утврдуваат дека токму во тој период почнала металургијата, топењето на рудата и слично, информира Арџанлиев.
Со тоа, нагласува, сакаме да дадеме одговор за појавата на елитата во Охридскиот регион, што покажуваат и откритијата од Архајскиот период (6 век пр.н.е.) во гробовите во Требеништа и на Горна порта.