Стечајната постапка над должникот „Еуростандард банка“ АД Скопје ќе ја води стечајниот управник Душко Тодевски од Скопје, а првото рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања е закажано за 8 октомври годинава, информираат денеска од Основниот граѓански суд Скопје.
– Поради поголемата заинтересирност на медиумите во врска со предметот СТ – 123/20, Ве известуваме дека со Решение СТ – 123/20 од 14.08.2020 година на овој суд е усвоен предлогот за отварање на стечајна постапка над должникот „Еуростандард банка“ АД Скопје и за стечаен управник е определен Душко Тодевски од Скопје. По предметот СТ-123/20 е закажано рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања и извештајно собрание на доверители на ден 08.10.2020 година, во 13 часот, во судница II, I кат, се вели во соопштението од Основен граѓански суд Скопје.
Народната банка на 12 август годинава ја затвори „Еуростандард банка“ АД Скопје поради неисполнување минимални законски услови за работење и најави дека за неа од судот ќе побара стечајна постапка.