Никола ГРУЕВСКИ
На политичката сцена во Македонија во последните години лажењето, мислам на она свесно и намерно, со умисла лажење, а не по грешка или кога некој е во заблуда кога искажува некој став, е толку многу често и секојдневно, што веќе е станато нормално.
Се сеќавам дека уште во 2016 и 2017 година говорев за тоа дека се оди кон тоа нормалното да стане ненормално, а ненормалното – нормално.
Ако правам некоја листа на работи кои сум ги предочил на време, според мое мислење веројатно ова е меѓу највисоко рангираните.
Има таква поплава од дезинформации и лажење, што тешко може тоа да се визуелизира и опише, па сега веќе ниту некоја навистина независна страна проверува, ниту вистината ја имаа онаа тежина како некогаш.
Видлив е и заморот кај граѓаните од константно лажење, а не работење, безидејност, криминал, немање реален напредок и немање визија на политичарите. А и мотивацијата за демантирање е намалена, што и јас го чуствувам, кога некогаш ќе ми јават пријатели дека некој нешто лажно објавил за мене, па ме потсетуваат да го демантирам.
Ова е време на натпревар на партиски платени ботови на социјалните мрежи, натпревар во лажење на прес конференции, лепење етикети и лични навредувања и омаловажувања, па се заедно е станато прилично досадно и заморно за следење.
Нивото на политиката е дно, толку ниско колку што никогаш не било.
Ова всушност не е политика, а уште помалку економија или активности за подобар животен стандард или подобра средина за живеење, и затоа политиката е крајно девалвирана во очите на веќе апатичните граѓани, кои чувствуваат дека политичката елита по превратот во 2017 година, де факто се откажа од концептот на суверена држава и се однесуваат како поставени в.д. управители или претенденти за тоа, на фирма во стечај која е некоја туѓа нечија-којзнае чија своина, нешто како ничија сопственост, вклучително и не на народот, ниту пак нивна во смисла како граѓани на таа држава.
Во една таква атмосфера, моралните норми се така девалвирани, што нормалните луѓе чија свест сеуште не е под анестезија од стотиците лаги што дневно се произведуваат, функциите министер, директор, пратеник, политичар и слично, ги гледаат со презир.
Во една таква атмосфера, сакајки да алармирам за општата атмосфера во која живее Македонија повеќе од шест години потсетувам на вчерашните изјави на преставници на власта и со доказ кој е фотографија од одлука излезена во Службен весник објавен пред изборите по кои станав премиер во 2006 година, потсетувам, бидејќи веќе еднаш во текст објавив дека концесијата за рудникот Иловица, заедно со уште стотина други концесии издадени во ист период, е издадена од владата на СДСМ околу два месеци и десет дена пред парламентарните избори во 2006 година.
Секој има право да суди дали погрешиле или не. Ако актуелното раководство на СДСМ цени дека погрешиле, почесно е така да кажат, отколку да лажат.
Така е барем по оние норми и правила кои сеуште јас ги вреднувам како најважни во политиката, колку и некому тоа да му изгледа старомодно.