Истрагата за случајот „Империја“ застана по донесувањето на начелното правно мислење и затоа е потребно што побрзо донесување на Законот за јавно обвинителство, изјави јавната обвинителка Лиле Стефанова.
– Нема друго решение. Само новите одредби кои ќе го вклопат СЈО и ќе му дадат право на редовното Јавно обвинителство да ги презема сите дејствија и во овие предмети, истакна Стефанова.
Прашана дали се следи имотот на Камчев и дали има одмрзнувања, Стефанова, нагласи дека се е замрзнато и ништо не одмрзнато.
– Имаме известувања за сите дејствија кои ги презема Јордан Камчев, како претходно управител и член на управен одбор и преземаме законски дејствија кои можеме да ги преземаме во овој момент, изјави Стефанова.
Во однос на информациите дека Камчев е во соседна Бугарија, Стефанова, кажа дека нема овластување да побара каде е Јордан Камчев и повторно побара побрзо носење на Закон за јавно обвинителство.
– Во овој момент редовното јавно обвинителство не може да преземе ништо во дејствијата од предметите на СЈО. Таков е законот, изјави Стефанова.
Прашана дали со притворот на Катица Јанева постои можност да паднат сите предмети на СЈО, Стефанова, рече дека не постои таква можност.
– Предметите ги работеа десет јавни обвинители и верувам дека се сите работени како што е потребно, изјави Стефанова.
Нагласи дека немало спогодба за случајот „Империја“ бидејќи не се донела таква одлука, но имало намера да има спогодба.