Јавната обвинителка Лилјана Стефанова смета дека има овластување да ја води постапката по предметот „Титаник“, но и дека треба сериозно да се погледнат укажувањата на одбраната изнесени на денешното рочиште.
Стефанова, по одложувањето на денешното рочиште за случајот „Титаник“ на СЈО, каде таа е застапник на обинението, посочи дека одбраната не побарала изземање на неа или на Катица Јанева, туку изнела повеќе околности заради кои бара прекинување на расправата.
– Сметам дека сите тие укажувања треба сериозно да се размислат и да ги погледнеме. Колегиумот на јавни обвинители во СЈО да ги разгледа и да донесеме заеднички заклучок како понатаму ќе постапуваме. Денеска не беше побарано мое изземање. Не беше побарано изземање на Катица Јанева, туку беше побарано прекин на постапката, изјави Стефанова.
Прашана дали обвинителката Елизабета Јосифовска има право да ја менува Катица Јанева, Стефанова, рече дека таа нема такви права.
– Во судница нагласив. Јас лично сметам дека имам овластување да ја водам постапката и денеска да постапувам, меѓутоа сакам да дадам простор да размислиме убаво и да видиме што понатаму, изјави Стефанова.