Во  населеното место Страчинци денеска започна изградбата на фекална канализацисла мрежа. Овој проект опфаќа три крака. Крак еден, крак два и крак три во прва фаза, во вкупна должина од 710 квадратни метри. Инвестицијата е 5.173.000 денари, средства од буџетот на општина Гази Баба, изјави градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.

Со почетокот на реализација на низа проекти во Гази Баба, како што истакна, докажуваме дека Гази Баба ќе се менува и ќе се гради.

Тој најави дека во периодот што претстои и во 2022 година ќе се реализираат низа на проекти со цел да ја направат Општина Гази Баба инфраструктурно развиена и еколошки чиста општина.

– После повеќе од 50-тина години во ова населено место започнуваме со ваков капитален проект за фекална канализација и многу ми е мило што граѓаните на населено место Страчинци во наредниот период ќе имаат и ќе добијат фекален канализационен систем, Стефковски.

На настанот присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека како што најавиле во периодот кој што следи ќе бидеме на терен да ги исполниме оние ветувања кои што ги дадовме пред граѓаните.

– Денеска сме овде во Страчинци започнуваме, односно градоначалникот започнува да го исполнува тоа што е ветено пред граѓаните. Започнува со работа и изработка на оваа фекална канализација со цевки Ф-200, повеќе од 170 приклучоци од тоа што слушнав од луѓето кои што се овде. 170 семејства ќе добијат приклучок до оваа фекална канализациона мрежа, што досега не било случај. Тоа е првата фаза, ќе имаме и втора и трета фаза. Очекуваме дека овој проблем конечно ќе биде решен заедно со една пречистителна станица, сега не го гледам господинот кој што ми објаснуваше, рече Мицкоски.

Продолжуваме, рече Мицкоски, и понатаму интензивно да ги исполнуваме ветувањата затоа што на народот му е преку глава од поделби и од политиканство.

– Доста е од политичари во кожни фотелји, со скапи црни лимузини како пристигнуваат на настани со многу обезбедување, со многу протоколи и церемонии. Редно време е политичарите да облечат чизмите и заедно со народот да ги засукаат ракавите и да се зафатат за работа. Политичарот треба да е слуга на народот, а не да биде над облаците и над народот. Тоа е заедничкиот патриотизам и тоа е она кое што ВМРО-ДПМНЕ и оваа генерација го промовира, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.