Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека ќе го поздрави продолжувањето на велигденскиот прекин на огнот што го прогласи рускиот претседател Владимир Путин, иако Кремљ претходно соопшти дека нема наредба за продолжување.

„Ги видовме најавата на претседателот Путин за привремен прекин на огнот за Велигден. Остануваме посветени на постигнување целосен и сеопфатен прекин на огнот. Иако ја оценуваме сериозноста на овие случаи, би поздравиле продолжување по неделата“, се вели во писмената изјава на портпаролот на Стејт департментот.

Во пресрет на Велигден, Путин на средбата со началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов, најави прекин на огнот на целата линија на фронтот, кој ќе стапи на сила од 19 април во 18:00 часот, по московско време до вечерва на полноќ, вкупно 30 часа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се преправала дека го почитува велигденскиот прекин на огнот, но всушност продолжила со стотици артилериски напади во саботата вечерта, со нови напади денеска.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Украина го прекршила прекинот на огнот, предизвикувајќи штета на инфраструктурата и цивилите.