Во Стејт департментот синоќа укажаа дека грчкиот суверенитет над островите Лесбос и Самос не е доведен во прашање, и ги повикаа сите земји, вклучително и „нашите сојузници“ да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и да избегнуваат акции кои би создале тензии.
Изјавата од портпаролот Нед Прајс доаѓа откако Анкара испрати дипломатска нота до САД и Грција, затоа што последната распоредила американска воена опрема на овие острови, кои според меѓународен договор треба да се демилитаризирани.
На прашање од новинар како САД го коментираат тоа, Прајс посочи дека за распоредување на нивна одбранбена опрема да се прашаат самите влади.
-За тоа ние не можеме да зборуваме. Општо земено, и ова го кажав вчера, продолжуваме да ги охрабруваме нашите НАТО партнери, во овој случај Турција и Грција, да работат заеднички на одржување на мирот и безбедноста во регионот, и да ги решат сите разлики по дипломатски пат. Ги повикуваме сите страни да се воздржат од реторика и да избегнат постапки кои би можеле да разгорат тензии, изјави тој.