Стејт департментот денеска воведе санкции против премиерот на Чеченија, Муслим Хучиев, обвинувајќи го за груби кршења на човековите права, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Како што се соопштува, „Стејт департментот располага со потврдени информации дека Муслим Хучиев учествувал во тортури“. Американските власти нему и на неговата сопруга им забранија влез во САД.
-Неодамнешен извештај на Московскиот механизам на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) заклучи дека официјални лица од Владата на Чеченија неказнето извршиле и извршуваат сериозни кршења и злоупотреби на човековите права со „малтретирање и прогони, селективни или незаконски апсења или задржувања, измачувања, киднапирања и егзекуции без суд“, се наведува во соопштението.
Стејт департментот ги повикува руските власти да ги изнесат пред лицето на правдата сите чеченски функционери кои, според американските власти, ги кршеле човековите права, вклучително и Хучиев.
Премиерот на Чеченија е поранешен новинар и менаџер за реклама. Бил ангажиран во службата за односи со јавноста на претседателот на Чеченија, Рамзан Кадиров. Во текот на повеќе години бил министер во Владата, потоа градоначалник на Грозни и советник на Кадиров. Лани во јуни станал премиер.
Кадиров се наоѓа на списокот на санкции на САД од 2017 година. Американските власти го сметаат одговорен за „убиства, измачувања и други многу груби кршења на човековите права“. ЕУ воведе санкции против него уште во 2014 година.