Координаторот на американскиот Стејт департмент за санкции Џејмс О’Брајан рече дека Русија треба да биде појасна за тоа што бара за да се врати на договорот за жито.

Во разговор со новинарите, тој рече дека САД се подготвени да помогнат, но дека „не е јасно што Русија смета за успех“.

„Тоа е проблемот. Русија извезува рекордни количества жито, тие рекоа дека тоа е 61,8 милиони тони минатата година, што мислам дека е за 10 до 15 отсто повеќе од која било година претходно. Ако нашата мерка е количината на храна на глобално ниво, тогаш треба да се фокусираме на процесот со посредство на ОН и Турција, кој и помага на Русија да извезува, а тие се жалат на ситници во систем кој многу добро функционира“, рече О. Брајан.

Тој истакна дека во изминатата година и половина, светскиот пазар почна да се опоравува од шокот предизвикан од инвазијата на Украина, но работите неодамна се влошија „бидејќи Русија одлучи да се обиде воопшто да ја спречи Украина да извезува“.

„Русија го напаѓа глобалниот систем за безбедност на храната и мислам дека не треба да замижуваме пред тоа. Русија мора да остане изолирана, изразувањето солидарност за ова прашање е многу важен став за тоа што светот сака да го види од Русија во контекст на оваа војна“, рече О’Брајан.