САД ги укинуваат санкциите за Антал Роган, близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, бидејќи казнените мерки не се во согласност со американските надворешнополитички интереси, соопшти денеска Стејт департментот.
Портпаролката на Стејт департментот Тами Брус изјави дека државниот секретар Марко Рубио денеска разговарал со неговиот унгарски колега, министерот за надворешни работи Петер Сијарто и го информирал за потегот, пренесе Ројтерс.
„Секретарот го информираше министерот за надворешни работи Сијарто за отстранувањето на високиот унгарски функционер Антал Роган од списокот на санкции на американското Министерство за финансии, истакнувајќи дека тоа е спротивно на надворешните политички интереси на САД“, рече Тами Брус.
Администрацијата на поранешниот претседател Џозеф Бајден, пред тој да ја напушти функцијата, воведе санкции за Роган на 7-ми јануари поради наводна корупција, која Будимпешта вети дека ќе ја оспори кога Трамп ќе се врати во Белата куќа на 20-ти јануари.
Роган е близок соработник на Орбан, кој е на чело на неговата канцеларија од 2015 година.
Брус додаде дека двајцата министри за надворешни работи разговарале и за зајакнување на координацијата меѓу САД и Унгарија за критичните прашања и можностите за економска соработка.
Орбан и неговата партија Фидес се меѓу најгласните поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп во Европа.