Пофални зборови за заложбите на Владата за воспоставување на независен правосуден систем, напредок во слободата на медиумите и слободата на изразувањето, но и забелешки за високата корупција и насилните акти врз припадници на ЛГТБ заедницата се содржани во Извештајот за човековите права на Стејт департментот, кој беше објавен денеска.
Како еден од проблемите кои ги нотира извештајот на Стејт департментот за Македонија е ниското ниво на независност на медиумите во земјава.
-Владата постигна напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување, но остануваат проблемите, вклучително и слабата независност на медиумите и насилството и заплашувањето на новинарите, се вели во извештајот.
Забелешката е дека медиумите во Македонија во голема мера и натаму се поделени по политичка линија, но сепак се нагласува дека има зголемување на медиумите кои изразуваат различни позиции.
Во извештајот се содржани пофални зборови за Владата во насока на јакнење на независноста на судството. Оценето е дека Владата има поголема почит кон независното судство, отколку што тоа било случај претходните години, а исто така Македонија покажала и решителност за јакнење на правосудниот систем, донесувајќи пресуди за некои случаи на СЈО.
Нотиран е одреден напредок во однос на борбата против корупцијата, но сепак доминантната улога на Владата во економијата создава можност за корупција, особено поради тоа што државата преку јавната администрација е најголем работодавач.
МИА