Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, големиот празник Илинден ќе го одбележи заедно со Македонците во Канада.

На покана на организацијата „Обединети Македонци“ ќе  биде специјален гостин на 67-от традиционален илинденски пикник

-По повод Илинден – еден од најзначајните македонски национални и верски празници ќе бидам со Македонците во Канада. Голема чест и искрено задоволство ми е што повторно ќе имам можност да ја посетам Канада и да се сретнам со нашата бројна и горда македонска заедница таму, заедница која со децении го чува македонскиот јазик, култура и идентитет далеку од татковината, вели Стерјовски.

Додава дека минатата година, на покана на Драгица Белчевска, присуствувал на свеченоста по повод 55-годишниот јубилеј на радио програмата „Гласот од Македонија“.

– При оваа посета се запознав со многу Македонци од сите краишта на етничка Македонија и заедно со Бил Николов остваривме важни средби со претставници на канадските власти, пренесувајќи им ја состојбата на Македонците во Албанија. Овој пат, Илинден ќе го прославам со македонскиот народ во Канада, на 67-от традиционален пикник на „Обединети Македонци“, настан кој е вистински симбол на македонската национална свест и континуитет, и кој низ годините обедини илјадници Македонци, некаде и до 20.000 души, под едно знаме, македонското, нагласува тој.

Не крие дека со нетрпение ја очекува средбата со „нашите луѓе, со нивните приказни, нивната љубов кон Македонија, и заедно, во духот на Илинден, да ја славиме слободата, достоинството и иднината на македонскиот народ”. вт/ац/

Фото: ФБ профил на Стерјовски