Лекот дексаметазон, за кој научници од Оксфорд вчера излегоа со истражување дека се покажал како делотворен кај најтешко болните пациенти од Ковид-19, се користи и на Инфективната клиника и се покажал како корисен.

– На почетокот, нашите колеги од другите држави, кои пред нас се соочија со коронавирусот, тврдеа дека не само што дексаметазонот не е корисен, туку тој може и да им наштети на пациентите. Но, ние на Инфективна клиника, воведувајќи го интензивното лекување, неговата примена ја најдовме како многу корисна, се разбира, комбиниран со сите други терапии, пред сè антибиотски. Ние го користевме во овој период и заклучивме дека во вистинскиот момент, кога сметаме дека треба да се даде, и кога сме го давале, сме имаме бенефит од лекот, вели Милена Стевановиќ, директорката на КЗИБИФС.

Таа потенцира дека научниците заклучиле дека овој лек е корисен, врз основа на искуството добиено од третманот на голем број пациенти, од различни институции, научно анализирани, со статистика обработени, и реферирани за корисни.

Д-р Стевановиќ истакна дека на Инфективната клиника сериозно ги следат трендовите во лекување на Ковид-19 и препораките кои ги добиваат од целиот свет. Директорката на КЗИБИФС, објасни дека пред да биде ставен некој пациент на респиратор, претходно ги испробуваат сите други можни методи. Механичка вентилација е последна опција во третманот, и токму поради тоа веќе трета недела нема ниту еден пациент на респиратор.

– Ние освен што ги следиме новините од светот, се потпираме и на сопственото искуство и согледувањата, токму поради тоа, сметаме дека треба да ги искористиме сите други методи пред да ставиме пациент на респиратор, истакна д-р Стевановиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата рече дека дексаметазонот не е лек што како единечна  терапија може и треба да се користи.

– Луѓето не треба воопшто да се снабдуваат со резерви или да купуваат  заради тоа што не е лек за домашна употреба  и не се дава само како еден единствен лек, туку во комбинација со повеќе лекови. Тој е во исто време лек кој како кортикостероид има и многу несакани ефекти. Тоа е лек кој што има антифламаторно, противвоспалително дејство меѓутоа  во исто време има и имуносупресивно дејство, односно го намалува имунитетот. Во Америка е ставен на листата на лекови кај коишто  треба докторот да оцени дали  бенефитот е поголем од ризикот и  врз основа на тоа се дава. Значи после деталната анализа на клиничката слика,  утврдување   на комбинацијата на лекови  така се препишува дексаметазонот, рече Филипче.

Тој потенцира дека апсолутно не треба луѓето да го користат  на своја рака или да купуваат и да прават резерви. Станува збор за сериозен лек којшто, како што рече, може да даде многу многу несакани ефекти.

Директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ, во врска со зголемениот број смртни случаи од коронавирусот, вели дека речиси 50 проценти од пациентите кои починале, биле предоцна донесени на клиниката, односно без претходна консултација со лекар.

-За прецизно дискутирање на смртните случаи треба да се направат прецизни анализи. Јас можам да кажам од аспект на она што ние го гледаме на клиниката. Од над 470 пациенти досега, имаме 90 кои за жал, се со смртен исход. Најголем дел од нив се донесени на лекување по 10-15 дена самолекување, односно без претходна консултација на лекар. Еден друг дел, се донесени по повеќе од една недела самолекување. Нашите математики се дека 50 проценти од пациентите се предоцна донесени на лекување и верувам дека исходот би бил поинаков ако тие биле донесени навреме или барем консултирале матичен лекар, вели Стевановиќ.