Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев ја потврди недвосмислената и конзистентна поддршка на Софија за европска интеграција на земјите од Западен Балкан за време на состанокот со генералниот секретар на Советот за регионална соработка со седиште во Сараево, Мајлинда Брегу, соопшти прес-службата на бугарското МНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, меѓу темите на разговор, биле и интеракцијата на Бугарија со Советот за регионална соработка и регионалната соработка.
Стоев го пофали партнерството меѓу Бугарија и Советот за регионална соработка и го поздрави неговиот придонес во приближувањето на регионот со Европската унија. Тој, исто така, нагласи дека високо го цени партнерството на Советот за време на заедничкото претседателство на Бугарија и Република Македонија во Берлинскиот процес за Западен Балкан минатата година.
Софија постојано го поддржува европскиот пат на Албанија и Република Македонија. Во однос на Република Македонија, министерот Стоев ја истакнал потребата од почитување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и напорите на бугарската страна да го интензивира билатералниот дијалог и да ја врати довербата на сите нивоа.
Мајлинда Брегу претходно учествувала на конференција за Западен Балкан и ЕУ, организирана од европратеникот и известувачот на ЕП за Северна Македонија, Илхан Ќучук.