Пандорка АРСОВСКА ГАЦОВА

Староста не е болест, таа е благослов, вели баба Веска, 101 година, додека 103-годишната баба Ана се надоврзува и вели: „Никогаш не жалете се’ што сте остареле, многумина не го дочекале тоа“.

Кога ги гледаш овие луѓе разбираш дека векот не се мери со години, туку со добрина.

Секој стогодишник е човек кој научил да живее со мир во себе.

Баба Милка, исто така со своите 103 години, советува дека „животот не треба да се „брка“ – треба да се слуша“.

„Денес сите брзаат некаде, а никој не знае зошто. Јас одам бавно, ама одам со душа“, додава дедо Иван, кој има 101 година.

На баба Рада, пак, секој ден и е убав, „дури и кога боли“. – Значи, жива сум, со насмевка вели таа.

За овие луѓе кои, како што велат, го одвекувале својот век, среќата не е во богатството, во имотот, во моќта, среќата е кога имаш со кого да го испиеш кафето. „Не е богат оној што има многу, туку оној што нема многу желби“, вели дедо Стојко, со полни 103 години.

Нивната девиза за љубовта е дека мажот и жената не се љубат со зборови, туку со трпение. На прашањето за лекот за здрав и долг живот, баба Дона, 102 години, мудро одговара: „Не пијам лекови, пијам благодарност. Секое утро се заблагодарувам за животот“. Стогодишниот дедо Петар, пак, вели: „Јадам малку, ама се смеам многу – тоа е мојот лек“.

Сите се согласни дека тајната на долгиот живот е да не мразиш никого, бидејќи, како што истакнуваат, омразата старее побрзо од човекот.

И, уште нешто, додаваат на шега,  „не ги кријте брчките – тие се вашата биографија, секоја брчка е спомен“.

За спомените на овие луѓе, за животот на стогодишниците кои говорат за љубовта како за трпение, за болката како за учител, за смеењето како за најдобриот лек истражува и пишува новинарката Мира Добрева од Бугарија, која не прави класични интервјуа, туку разговори што личат на исповеди. Таа патува низ земјата за да ги најде најстарите луѓе, да ги запише нивните зборови, за кои вели дека се едноставни, но тежат повеќе од книги.

Стогодишниците на Бугарија – проект на Мира Добрева

Стогодишниците на Бугарија е документарен и општествен проект посветен на луѓето во Бугарија кои доживеале 100 години или повеќе. Проектот има за цел да ја сочува нивната животна мудрост, да потсети на вистинските човечки вредности и да врати почит кон старите луѓе кои често се заборавени во современото општество.

Проектот започнал како телевизиска документарна серија на БНТ во која Мира Добрева лично ги посетува и интервјуира стогодишниците од различни делови од земјата, од планински села до градови.

Мира Добрева e единствената телевизиска новинарка во светот со документарна серија за стогодишници. Досега се сретнала со 148 стогодишници од Балканскиот Полуостров и островот Сардинија (една од петте сини зони). Телевизиска водителка, авторка на емисии, документарни филмови и книги.

Добрева истакнува дека годините ретко се попустливи кон некого…

„Ги тргаме очите од староста. Староста е немилосрдна. Во свет кој продава извонредни лица, извајани тела, бујни коси и блескави насмевки, јас погледнав кон стогодишниците. Не ги тргнав очите од нивните збрчкани лица – таму видов сè што барав низ годините: Автентичност и длабока, понекогаш уморна емоција. Секој се обидува да избега од времето, да го надмудри, да го победи, но стогодишниците се единствените што успеваат. Затоа што тие се помириле со тоа. Дали е благослов или проклетство да се живее до 100 години? Можеш ли убаво да старееш? Кој те сака кога ќе остариш? Што повеќе можеш да дадеш? Што сакаш да кажеш? Дали има некој што може да те слушне?“, прашува Добрева.

Од проѕирните брчки околу очите, преку истенчената кожа на нивните раце, таа вели дека не се проѕира ништо друго освен нивната душа… „И ако времето на Земјата е немилосрдно кон физичкото тело, стогодишниците некако успеваат да ја зачуваат убавината на оваа Душа, токму во нејзината оригиналност, тие успеваат да го пренесат низ годините искуството и смислата на животот – каков што навистина треба да биде – живеен со чесност и доверба. И најважно – тие великодушно го пренесуваат тоа на следните генерации…“, истакнува авторката Мира Добрева.

Староста не е крај…

Неодамна ја објавивте втората книга посветена на стогодишниците, насловена „Стогодишниците 2, загатката на долговечноста“, во рамки на проектот „Стогодишниците на Бугарија“. Како дојдовте на идеја за овој проект?

Најпрво сакам да ја изразам мојата благодарност за вашиот интерес за овој долгогодишен и донекаде долготрпелив проект, бидејќи ми одзеде многу време и емоции, а понекогаш и солзи – кога станува збор за толку многу стогодишни судбини, неизбежно добивам пораки или повици што ме растажуваат, знаејќи дека засекогаш се разделувам од некој што ми станал близок до срцето – со неговата исповед, со неговата приказна… Добрата работа е што стогодишниците што ги запознав низ годините остануваат засекогаш не само во моите сеќавања, не само во сеќавањата на луѓето на социјалните мрежи кои ревносно го поддржуваат овој проект, туку сега и во моите две книги за стогодишници – „СТОГOДИШНИЦИТЕ: Благослов или проклетство“ и „СТОГОДИШНИЦИТЕ 2: Мистеријата на долговечноста“.

Идејата се роди пред 15 години во етерот (во тоа време бев автор и водител на емисијата „Одблизу со Мира Добрева“ на БНТ1), за време на едно интервју гостинот спроти мене спомна за 100-годишна актерка од Смолјан – градот каде што пораснав и студирав, тоа ми се стори интересно, бидејќи никогаш не сум слушнала за толку стара актерка и решив да истражам. Тргнав кон родопскиот град со цела снимателска екипа и опрема, и кога стигнав пред вратата и ја здогледав баба Бисера – мојата прва стогодишна личност, сфатив дека пред мене се отвора нов свет. Свет кој ќе стане моја судбина, ќе го промени мојот поглед на светот, ќе ги прошири моите сетила… Решив да ѝ раскажам на Бугарија за тоа, а се надевам и на светот. Бидејќи во нашата земја има стогодишници кои се неверојатни во своите вештини, со неверојатна способност да расудуваат, течно да зборуваат и да донесуваат заклучоци за кои многу помлади луѓе не се способни. Би била среќна ако имам можност да сретнам луѓе на возраст од 100 години и постари и во Македонија и со тоа да го проширам мојот проект уште повеќе…

Преку овој проект ги истакнувате вредностите, сакате да покажете дека секој човек што доживеал сто години има да ни каже нешто важно. Дали сметате дека успеавте да и пренесете на публиката и на читателите дека староста не е товар, туку награда?

Видете, не е така. Годините не се награда – не во сите случаи. Годините тежат, уморуваат, го прават човекот слаб. Со моите приказни не сакам да ја романтизирам идејата за стогодишниците, ниту да ги претставам на наивен, рамен начин. Ја кажувам вистината за возраста и во исто време се среќавам со научници со кои разменуваме искуство и знаење за да разбереме како луѓето можат да останат млади подолго, стареејќи! Дали разбирате? Важно е не само да станеме стогодишници, туку во исто време да не ја изгубиме можноста да се прилагодиме на нашата околина. Убаво е да се стремиме кон долговечност, но зошто ни е тоа ако сме болни, со Алцхајмер, со Паркинсон – овие болести го лишуваат човекот од можноста да биде среќен, да се радува на животот, тогаш годините не ни се нужни. Мојата идеја е да помогнам со моите заклучоци, врз основа на моите средби со 148 стогодишници од Бугарија, Романија, Србија и Сардинија, за да ја пронајдат тајната, да ја откријат мистеријата на долговечноста, за да може човекот од многу порана возраст да почне да се грижи за годините кога ќе биде возрасен, но тогаш годините нема да го оптоваруваат, туку само ќе го красат. Затоа во новата книга за стогодишниците разговарав и вклучив приказни со научници кои објаснуваат, ги покажуваат чекорите што би помогнале за тоа.

Проектот прерасна во повеќегодишна истражувачка и телевизиска работа која ги прикажува стогодишниците како носители на културата, традицијата и животната мудрост. Колку време, труд и посветеност ви беа потребни за да го постигнете тоа?

Да, ако има вредност во овој проект, тоа е што тој е мост, го зачувува сеќавањето на патот што ќе нè однесе во новото време, но како што е кажано – ЗА ДА ЗНАЕШ КАДЕ ОДИШ, МОРА ДА СЕ СЕЌАВАШ ОД КАДЕ СИ ТРГНАЛ. Моите стогодишници покажуваат што е направено, за страдањата, време кое никогаш нема да се врати (се надевам) – време кога бебињата не се нарекувале деца, туку „грла“, кога жените се породувале во штала, во подрум, на слама или директно на чергите. Денешните луѓе кои ќе станат стогодишници повеќе нема да бидат исти – ќе користат ChatGPT, ќе имаат Фејсбук и Инстаграм, а ова веќе ќе ги направи различни од стогодишниците што ги запознав – тие се луѓе од друго време, луѓе од друг свет. Моите стогодишници се ЛУЃЕ МЕЃУ ДРУГИТЕ, НО ТИЕ НЕ СЕ ЛУЃЕ КАКО ДРУГИТЕ…

Вашиот главен лик, и во книгата и во видеата што ги споделувате на социјалните мрежи, е баба Дора. Дали сметате дека нејзините мудрости, совети, пораки допираат до луѓето, особено до младите?

Да, мојата единствена, ненадмината во своите вештини, расудување, благ говор и младешки погледи, 106-годишната баба Дора (родена на 29 февруари 1920 година) – таа е главниот лик, лицето на оваа масовна, досега невидена „кампања“ за стогодишниците на Бугарија. Ја ставив кампањата во наводници затоа што никогаш не замислував дека оваа моја студија ќе стане нешто толку препознатливо, големо и од големи размери. Не ми беше тоа цел, ја започнав со емоцијата на моето срце, а таа стигна до тефтерите на научниците… Но, прашувате за баба Дора – можеби ќе ве изненадам, но токму младите луѓе се најревносните поддржувачи на моите стогодишници.

На социјалната мрежа ТикТок, каде што објавувам видеа претежно со стогодишници, таа е најочекуваниот лик. Сите прашуваат за неа, ако евентуално доцни следното видео… Сите ги слушаат нејзините зборови. Ја цитираат… Луѓето ја сакаат. Особено младите. Во нејзиното лице, од една страна, ги гледаат своите баби, од нејзината уста ги слушаат нивните зборови, а од друга страна, преку нејзиното животно искуство, добиваат претстава за друг свет, свет на едно минато време, во кое не биле родени и не го познаваат, туку се носталгични и сакаат да учат преку мислите и расудувањето на 106-годишна мудра жена.

Неодамна бевте во Италија каде што ја проширивте вашата мисија, да ги откриете стогодишниците и на оваа земја, која важи за држава со долг животен век. Кое е вашето искуство од оваа посета?

Заминав со некои очекувања за Сардинија – една од петте „Сини зони“ во светот, се вратив со сосема различни заклучоци. Признавам, бев малку збунета – очекував таму да бидат „подобрите“ стогодишници – поздравите, посилните – тие имаат прекрасна медицинска нега, имаат гувернанти, италијанските стогодишници се во центарот на животот на семејството, додека нашите не се баш такви (не генерализирам, има исклучоци, но претежно, кај нас, стогодишникот се смета за личност кој го изживеал животот, понекогаш излишен додаток на семејството, додека во Италија не видов такво нешто). Но, што се покажа? Здравата, силната нитка е на Балканот, нашите стогодишници се поздрави и ментално и физички!

Секако, постојат исклучоци и не можам да донесам никакви дефинитивни заклучоци, бидејќи снимив 140 стогодишници од Балканот, а само 8 снимив во Сардинија, но од оние што ги запознав таму, имаше многу господа со младешки изглед, но тие имаа поголеми тешкотии со движењето, иако имаа само 103, 104 години. А, баба Дора – на 106 години, го мие влезот пред станот во кој живее! Дедо Љубен – на 102 години, дојде на премиерата на книгата СТОГОДИШНИЦИ 2, д-р Тичка Лачева, исто така на 102 години, со елегантен костим, француска беретка и високи потпетици, исто така присуствуваше на мојата премиера! Што ќе кажете за тоа?

Велите дека за вас кралевите и кралиците се стогодишниците. Според вашето долгогодишно истражување, колку „кралеви и кралици“ има во Бугарија?

Во мојата нова книга, за која се надевам дека ќе ја види светлината на денот и во Северна Македонија, ги оставив сите овие податоци што би ги интересирале луѓето. Таму раскажав и за „сините зони“ и за моите мали „спорови“ со научниците во врска со нивното теоретско и моето практично знаење. Но, конкретно на вашето прашање: Според пописот на НСИ во 2024 година, во Бугарија живеат вкупно 439 стогодишници, од кои 114 се мажи и 325 се жени. Што се однесува до Бугарија, просечниот животен век за мажите е 69,9 години, а за жените е 7,4 години поголем – 77,3 години. Генерално, речиси низ целиот свет односот на жени и мажи е 4:1, додека во „Сината зона“ на Сардинија е 1:1. Феномен, нели? Од книгата ќе разберете во што е мистеријата.

Која средба со овие луѓе ви оставила најголем впечаток и која мисла и порака од нив ја издвојувате како животна мудрост?

Нема една или две средби што ми се врежале во срцето, што оставиле отпечаток во мојот ум. Ако ја исклучиме баба Дора, бидејќи таа е над сите и над сè, ќе ви раскажам за уште еден стогодишник – пишував за него во мојата прва книга СТОГОДИШНИЦИТЕ: Благослов или проклетство – чичко Асен од Софија, кој на 105 години ме пресретна исправен, здрав, насмеан на раскрсницата на еден голем булевар, помеѓу црквата, библиотеката и училиштето, кои за него беа најважните работи во животот. Тој ми кажа нешто стана мое мото што никогаш не го заборавам: „Девојче мое, без разлика што правиш, каков автомобил возиш, колку пари имаш, не заборавај пред сè да бидеш човек!“

Активна сте на социјалните медиуми, често објавувате снимки со 105-годишната баба Дора, кои привлекуваат големо внимание и имаат илјадници прегледи. Објавувате рилсови и од вашето секојдневие, патувачки репортажи… Која е Мира Добрева приватно?

Добро прашање. Ретко некој да се интересира за мене како личност, а тоа навистина не е важно. Мојата мисија е поголема од мене… Инаку, јас сум една ранлива, чувствителна и добронамерна личност која веруваше во она што и го кажуваа стогодишниците – на крајот, доброто во овој живот е поважно од лошото, и порано или подоцна сè ќе се среди, работите ќе си дојдат на свое место. Само имајте малку трпение! паг/дј

Фото: Архива на Мира Добрева