И аболицираниот Зоран Заев и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски добро знаеја дека Никола Груевски не се крие во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и сепак одлучија да прават евтин театар за јавноста вознемирувајќи членови и активисти на партијата со претреси и притисоци, реагира Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Одговорноста за движењето, за методите и за начинот на бегството на Никола Груевски е во власта, кај аболицираниот криминалец Зоран Заев и кај неговиот одговорен министер за прогон и терор, Оливер Спасовски. Со овој случај, и со менаџирањето на политичкиот прогон, Заев и Спасовски го допреа дното. Двајцата мора да си поднесат неотповикливи оставки заради нефункционирање на институциите и разорувањето на Република Македонија. Заев и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски мора да престанат да ја лажат јавноста. Тие во рацете ја држат целата безбедност и во такви услови велат дека не знаеле за движењето на Никола Груевски? Груевски е човекот против кого и со години тие водеа политичка хајка, фрлаа со дрва и камења и го третираа и го третираат како државен непријател број еден и сега сакаат да кажат дека не знаеле каде бил, каде се движел, на кој начин им избегал?Го злоупотребуваат бегството, го прикриваат својот дебакл со лажно вперување на прстот кон ВМРО-ДПМНЕ. Ги впрегнаа институциите и во политичкиот прогон во полна смисла на зборот притвораат лица кои редовно ги исполнуваа обврските кон судот. Овие притворања се политичка казна, а не правна санкција. Ова е уште една злоупотреба на институциите за нивни политички цели, вели тој.

Стоилковски обвинува дека оваа власт го донесе најцрното време на Република Македонија, црно време во кое се монтираат случаи од киднапирани институции.

-Криминогената хунта ја киднапира држава, го одзеде достоинството на граѓаните, менува име, Устав, идентитет менуваат. Ја претворија Република Македонија во држава на нерасчистени убиства, економска девастација, комплетна партизација, корупциски скандали и недопирливи функционери. Политичката хајка организирана од Заев и Спасовски не е само прогон против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е прогон против критичката мисла, напад врз слободата. А, ВМРО-ДПМНЕ било, е и ќе остане да биде последниот бастион на слободата и на критичката мисла. Тврдина на народот кој што ја сака оваа земја. Разорувањето на Македонија мора да сопре. Спасовски и Заев го допреа дното. Колку повеќе притискате толку повеќе губите, а ќе паднете, ќе паднете многу брзо, порача тој.