За поздравување е вчерашната реакција на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој ја осуди изјавата на Шкодране Дардишта, која се закануваше со војна, изјави денеска на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
– Оградувањето на Али Ахмети е за секој поздрав, истакна Ангелов, прашан за коментар, во врска со статусот што го објави на „Фејсбук“, Дардишта, која е членка на Одборот на директори на „Македонски телеком“.
Ангелов рече дека го осудува таквиот воинствен и распалувачки говор, нагласувајќи дека додека таа седи во удобната фотелја, со огромна плата, а нејзината реторика може да ги распали младите.
– На овие локални избори не забележавме тврда националистичка реторика, така што ваквата изјава може нагло да повлече со себе уште неколку изјави. Потоа, да се добие одговор од другата страна и работата да тргне во несакан правец, изјави Ангелов.
Како поранешен припадник на специјалните единици на МВР, Ангелов, рече дека непосредно учествува во процесот на помирување не само меѓу Македонците и Албанците, туку и меѓу ветераните од ОВК и македонските бранители.
– Нешто што е навистина тешко, бара многу енергија и многу нерви. Ваквите неодговорни изјави можат сето тоа да го урнат за миг. Но, еве се покажа, реакцијата на претседателот на ДУИ Али Ахмети, е исклучително корисна, демократска и верувам дека таа ќе делува во насока, никој повеќе да не се излетува со таква изјава, изјави Ангелов.
Во врска со статусот што го објави на Фејсбук Шкодране Дардишта, членка на Одборот на директори на Македонски телеком, Али Ахмети потенцираше дека ДУИ во својата кауза ја има слободата, а таквите изјави не се во интерес на партијата и каузата.
– Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него, напиша Дардишта на својот Фејсбук профил, коментирајќи ги актуелните случувања на политичката сцена во земјава.
На ова реагираше директорот на ЦУК и генерал Стојанче Ангелов, кој исто така преку Фејсбук и порача на Дардишта: „наместо со закани за војна, борете се со политички и демократски средства“.