На 24-ти април огромен број на гласачи испратија силна порака до актуелната, но и до идната власт. На актуелната власт и’ потпишаа решение за долгогодишен одмор, додека на идната власт и’ даваат можност да почне да ги исправа нештата, но без никаков простор за било каква грешка или пропуст, вели носителката на листа за пратеници во шестата изборна единица, Дафина Стојаноска на денешниот митинг во Јегуновце.

Таа посочи, додека актуелната власт се созема од добиениот нокдаун и најавува дека ќе почнела од нула, идната власт на ВМРО-ДПМНЕ потсетува на програмата платформа 1198 и на дел од инфраструктурните проекти за општина Јегуновце.

Проектите во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Јагуновце се следните:

–        Реконструкција на патниот правец Желино – Јегуновце до 2028-ма година;

–        Реконструкција на патниот правец Лешок – Шемшево до 2028-ма година;

–        Реконструкција и изградба на локалниот пат Копанце – Туденце;

–        Локален пат од Туденце до Сириќино, реконструкција на пат во Сириќино;

–        Реконструкција на локални улици во Јегуновце;

–        Доизградба на фекална канализација во Јанчиште и Подбреѓе;

–        Изградба на фекална канализација во Ратае;

–        Изградба на повеќенаменско спортско игралиште во Старо Село;

–        Изградба на регионален пат Рогачево и

–        Тампонирање на пристапни патишта во Јанчиште, Подбреѓе, Копанце, Раотинце, Туденце и Прељубиште.

Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, исто така додаде Стојаноска, ветува и 5.000 денари поголеми пензии за сите пензионери уште во првата година, спорт, градинка и учебник за секое дете, дигитален попис на населението во 2026-та, доходовна поддршка за земјоделците и уште многу други проекти кои ни ги предложија граѓаните, ни ги срочија експертите, а ни ги пресметаа и одобрија финансиерите.

Посочи дека идната власт нема да креира закони во затворени канцеларии и истите криминално да ги протнува низ Парламентот, туку ќе креира закони од и за народот, закони кои ќе бидат широко и отворено дебатирани и закони кои ќе добијат заслужен професорски експертски потпис од идната претседателка на Република Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова.