Во соработка со пријателски организации од Германија, обезбедени се средства во форма на грант, со цел ефикасно спроведување на новиот иновативен „Закон за ангажирање на лица“.
По средбата на претседателот на комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, пратеникот Бојан Стојаноски со Давид Оберхубер од Германското друштво за меѓународна соработка, Стојаноски ја потенцираше важноста на овој закон, со кој се олеснува остварувањето на работничките права.
-Нашите меѓународни партнери, особено Германското друштво за меѓународна соработка ќе го гарантира системот во кој што ќе бидат внесени вработените преку овој закон, преку грант од 180 илјади евра. Тоа е директна и конкретна поддршка. Дополнителни 30 илјади евра ќе бидат инвестирани со цел законот да го доближиме до јавноста, работодавачите и работниците, изјави пратеникот Бојан Стојаноски, претседател на комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.
Пратеникот Стојаноски додаде и дека овој закон стапува на сила од 01.01.2026 година. Период во кој институциите ќе може соодветно да се подготват за успешно да го спроведуваат законот.
Давид Оберхубер, пак, изјави дека од законот бенефит ќе имаат сите. Работодавачите, работниците и државата.
-Оваа реформа им служи на сите. Работниците добиваат права и заштита; работодавачите имаат корист од полесен и легален начин за задоволување на барањата за работна сила, а државата гледа зголемување на јавните приходи. Сето тоа преку поедноставен и транспарентен процес, изјави Давид Оберхубер од германското друштво за меѓународна соработка.
Тој истакна и дека Македонија станува позитивен пример за регионот, преку давање приоритет на пристојната работа, како и дека покажува оти значајна реформа не е само можна, туку и остварлива со визија, партнерство и заедничка волја.