Во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски. Тој говореше за состојбата со пожарите и како државата се справува со ситуацијата и нагласи дека постои основан сомнеж дека најголемиот дел од пожарите се подметнати.
„Точно е тоа што го кажува директорот на ДЗС, бидејќи сепак тие луѓе имаат основани информации коишто доаѓаат од теренот, бидејќи се надлежни за таквите случувања. Премногу случајности за да кажеме дека тоа се случува така само од себе. Факт е дека има подметнување на пожарите на теренот низ Република Македонија“, вели Стојаноски и додаде:
„Можевме да видиме дека имаше неколку лица којшто беа фатени на лице место, којшто беа уапсени. Неколкумина којшто се обиделе со најразлични материјали да создадат пожар, притоа не успеале и материјалите биле најдени на терен“, рече Стојаноски.
Стојаноски истакна дека опозиционата партија СДС, сака да ја искористи оваа тема и кај граѓаните да создаде одреден немир. Пратеникот додаде дека на Фејсбук страната на СДС може да се забележи дека користат слики од пожари во Шпанија, за да прикажат дека истото се случувало во Македонија.
„На страницата на опозиционата партија СДС, вие ќе видите дека тие толку нечесно сакаат оваа тема да ја дигнат во јавноста и да создадат кај граѓаните одреден немир или хистерија, да користат слика од пожари во Шпанија за да прикажат дека тоа се случувало во Македонија, за да добијат политички бенефит на две основи. Првата е да покажат дека не биле толку неспособни колку што граѓаните видоа во изминатите седум години, а второ, таа нивна девиза, колку полошо за државата, толку подобро за СДС и да покажат дека државата е неспособна да се справи со тие пожари“, објасни Стојаноски и нагласи дека нашите институции, пожарникари, како и војниците и полицајците се на висина на задачите и успеваат состојбата да ја стават под контрола.