Се зборува дека ќе се гради Клинички центар во Ѓорче Петров, а никој не знае како ќе изгледа. Ова го смета Александар Стојкоски претендент за градоначалнички мандат од ВМРО-ДПМНЕ. Тој смета дека инвестицијата со која постојано се фали неговиот противкандидат Александар Наумоски е нереална, бидејќи нема ниту идеен проект со кој би се визуелизирал изгледот на Клиничкиот центар. Посочи и дека, според непотврдени информации веќе се зборува за изнаоѓање на нова локација, што би значело дека општината би останала без оваа инвестиција која е централна, а не општинска.

„Се изнаслушавме дека ‘ќе, ќе, ќе’. Прво, треба да ни биде јасно на нас граѓаните дека нема ниту проект за Клинички центар, ниту идеен проект за Клиничкиот центар. Никој не знае како тоа би изгледало, вака визуелно, со капацитети со сѐ. Од студијата извадив некои заклучоци. И во минатото беше планиран нов Клинички центар како браунфил инвестиција да се зафатат дел од касарната ‘Илинден’, па потоа се изнаоѓаа други и локации, па сега еве ова е понудено како ново решение. Но, ова не е ново решение. Јас како градоначалник не би се спротиставил никако, доколку се донесе одлука да делувам спротивно на тоа што значи развој на Ѓорче Петров. Но според моите информации поради неажурното работење, дека веќе се работи на изнаоѓање на нова локација за Клиничкиот центар во Скопје и дека Ѓорче Петров може да остане без оваа инвестиција“, рече Стојкоски во дебатата со противкандидатот Александар Наумоски.