Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, објави дека екипите на Комунален пункт се постојано на терен за да се справат со последиците од, како што вели, „нефункционирањето на Градот и на ЈП Комунална хигиена – Скопје“.
Стојкоски ја поздрави акцијата на Министерството за внатрешни работи и инспекциските органи, кои по наредба на Владата започнаа вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во Комунална хигиена, поради сериозните проблеми со несобирање на отпадот, објави Стојкоски.
„Екипите на Комунален пункт се постојано на терен да се изборат со нефункционирањето на градот и Комунална Хигиена Скопје. Ја поздравувам акцијата на МВР и надлежните инспекторати и како општина сме ставени целосно на располагање за обезбедување на потребната документација и документи. На овој башибозук му се ближи крајот и одговорност ќе има!“, напиша Стојкоски на социјалните мрежи.
Изјавата на Стојкоски доаѓа во момент кога ситуацијата со отпадот во Скопје е оценета како алармантна, а Владата донесе одлука за итна интервенција на државно ниво со цел заштита на јавното здравје и воспоставување ред во комуналните служби.