Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека не се согласува со изјавите на папата Франциск дека на Украина и треба „храброста на белото знаме“ и дека треба да преговара за крај на војната предизвикана од руската инвазија.

– Ако сакаме договорено, долгорочно мировно решение, начинот да го постигнеме е со воена поддршка за Украина, рече Столтенберг, коментирајќи ги изјавите на папата.

Папата ова го кажа во интервју, чиј дел беше објавен викендов. Тој рече дека кога на страните во конфликтот не им оди добро, „треба да се има храброст да преговара“.

Во интервју за Ројтерс во седиштето на НАТО во Брисел, Столтенберг додаде дека „она што се случува на преговарачката маса е нераскинливо поврзано со силата на бојното поле“, пренесува Хина.

Прашан дали неговата реакција значи дека сега не е време да се зборува за бело знаме, Столтенберг рече: „Не е време да се зборува за предавање на Украинците. Тоа ќе биде трагедија за Украинците. Исто така, ќе биде опасно за сите нас“.

Шефот на НАТО потенцираше дека за Украина, предавањето не е мир.

Тој, исто така, истакна дека земјата никогаш не била поблиску до членство во Алијансата.  – Таа ќе биде сојузник. Значи, не е прашање дали тоа ќе се случи, туку кога, истакна Столтенберг.

Инаку, во меѓувреме Ватикан ја појасни изјавата на папата. – Папата Франциск не ја повикува Украина да се предаде, туку повикува на прекин на огнот и храброст во преговорите, појасни директорот на канцеларијата за печат на Ватикан, Матео Бруни. „Папата го користи терминот бело знаме и одговара на впечатокот предложен од новинарот, за да укаже на прекин на непријателствата и примирје постигнато преку храброста во преговорите“, рече Бруни за интервјуто на папата Франциск за швајцарската телевизија РТС, кое ќе биде емитувано месецов, а дел беше објавен завчера.