Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави синоќа дека одлуката за повлекување на силите на алијансата од Авганистан не била лесна.

– Не беше лесна одлука, тоа е одлука за преземање ризици, нагласи Столтенберг на заедничката прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел, заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на Пентагон Лојд Остин.

Прес-конференцијата се одржа по вонредниот состанок преку видеоконференција на министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО, на кој тие одлучија постепено да ги повлечат контингентите во мисијата од 1 мај 2021 година. Одлуката беше објавена непосредно откако американскиот претседател Џо Бајден официјално објави дека американската војска во Авганистан, која во моментов брои меѓу 2.000 и 2.500 лица, ќе се повлече од азиската страна помеѓу 1 мај и 11 септември.

Шефот на алијансата увери дека сите напади врз силите што ги повлекуваат НАТО ќе наидат на цврст и силен одговор од алијансата.

– Враќањето на нашите војници дома не значи и крај на нашите односи со Авганистан, изјави Ентони Блинкен.

– Нашата поддршка, нашите заложби и нашата решеност ќе останат.