Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ја отфрли можноста за суспендирање на натамошното проширување на Алијансата, со што го отфрли клучниот дел од барањето на Русија за намалување на тензиите околу Украина.
„Нема да правиме компромиси за основните принципи, вклучително и правото на секоја држава да одлучува за својот пат и безбедносните аранжмани во кои сака да учествува“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
По вонредниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО, Столтенберг изјави дека Русија не се откажува од акумулацијата на војници во близина на Украина, што ги подгреа стравувањата на Киев и Западот од можна руска инвазија на Украина.
„Гледаме оклопни единици, гледаме артилерија, гледаме војници подготвени да се борат, гледаме опрема за електронско војување и гледаме многу различни воени способности“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека акумулацијата на руската армија во близина на Украина, во комбинација со безбедносните барања на Русија и искуството од нејзиниот воен ангажман во Украина и Грузија, „испраќа порака дека постои реален ризик од нов вооружен конфликт во Европа“.