Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека „дојде време“ членките на алијансата да преиспитаат некои од ограничувањата за употребата на оружјето што и се доставува на Украина за борба против Русија.
„Сојузниците ја снабдуваат Украина со различни видови оружје и некои воведоа ограничувања за употребата на ова оружје, тоа се национални одлуки. Но, мислам дека, со оглед на начинот на кој се одвива војната, дојде време да се разгледаат тие ограничувања и да се дозволи Украина вистински да се одбрани“, рече Столтенберг во Прага на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Украина го повика Западот да ги ублажи тие ограничувања, но државите се повеќе се поделени околу тоа дали да и дозволат на Украина да гаѓа цели на руска територија.
Според Столтенберг, Украина сепак може да ја победи Русија, „но само со постојана силна поддршка од сојузниците во НАТО“.
Британија, балтичките земји и Данска тврдат дека тоа е дел од легитимната самоодбрана од инвазија, додека други велат дека оружјето може да се користи само во Украина, изразувајќи стравувања дека нападите врз Русија ќе го вовлечат Западот во конфликтот.
Белгија оваа недела соопшти дека авионите Ф-16 што има намера да ги испорача на Украина може да се користат само во нејзините граници.
Германија издаде слични предупредувања за своите испораки на тешко оружје, вклучително и тенкови Леопард.