Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Србија е партнер на Алијансата и дека ја почитува нејзината одлука да биде неутрална, а од косовските власти очекува да го почитуваат Бриселскиот договор и да не се движат кон северниот дел без согласност на КФОР.
Тој во интервју за белградскиот весник „Блиц“ за време на дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во Брисел истакна дека трансформирањето на Косовските безбедносни сили (КБС) во армија би можела да има последици врз евроатлантските интеграции на Приштина.
– Неколку сојузници на НАТО изразија став дека не е вистинско време КБС да се трансформираат во армија. Исто така, сметаат дека со одлуката за воведување такси на производите од Србија и БиХ се поткопува дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ние го поддржуваме дијалогот и сметаме дека се што поткопува, води во погрешна насока – нагласи Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО додаде дека Алијансата „јасно ставила до знаење дека ќе продолжи со мисијата КФОР на Косово, која е под мандат на ОН“.
– Тука сме да ги заштитиме сите луѓе и да гарантираме безбеден простор за сите, секако и за Србите на Косово… Очекуваме косовските власти да ги почитуваат сите меѓународни обврски, вклучувајќи го и Бриселскиот договор, односно да не се движат кон северниот дел без согласност на КФОР – изјави Столтенберг.