Акцизата на пивото да се намали од четири на три денари за литар алкохолен степен и наместо 32,5 да изнесува 24,4 евра, бара Стопанската комора на Македонија.
На прес-конференција денеска, Комората укажа дека производството и продажбата на пиво изминатите десет години бележи негативен тренд, а најголеми причини за тоа се токму зголемената акциза од 2013 година, но и воведувањето на лиценците за продажба на алкохол во 2008 година, како и временото ограничување на продажбата што до скоро беше во сила.
– Македонија има најмала потрошувачка на пиво во цела Европа. Од 33 литри по жител во 2008 година, сега и во последните четири до пет години е сведена на 28 литри. Падот на вкупната потрошувачка, пак, од 2008 година до сега е 110.000 хектолитри годишно или 16 отсто. Во 2008-ма сме трошеле 680.000 хектолитри, а сега бројката е 570.000, рече в.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева – Ѓуриќ.
Според пресметките на компаниите, ако акцизите не се зголемеа и ако не се воведеше временото ограничување на продажбата, растот на потрошувачката ќе останеше 1,5 – 1,8 проценти и од 2009 до 2014 година на Македонија ќе и донесеше 23 – 30 милиони дополнителен приход.
– Доколку акцизата се врати на три денари за литар алкохолен степен, цената на пивото ќе биде подостапна, а потрошувачката ќе се врати на 680.000 хектолитри. Разликата од тие 110.000 хектолитри ќе значи 2,5 милиони евра плус приход во Буџетот, нагласи директорката.
Таа укажа и дека пивската индустрија е поврзана со многу чинители, поради што придобивките би биле повеќекратни, особено од социо-економски аспект. Би ги тангирало земјоделството, добавувачите, туризмот, транспортот, тровијата на мало и на големо,…, што, меѓу другото подразбира отворање нови работни места.
За споредба, Пеева – Ѓуриќ наведе дека потрошувачката на пиво во Бугарија и Романија е 75 литри по жител, во Хрватска над 81 литар, а во Чешка која држи рекорд, 140 литри. Акцизата, пак, за разлика од македонската која достигнува 32,5 евра во моментов, во Романија е 8,6 евра, во Германија 9,44, во Чешка 14,69 евра, а во Хрватска 25,89.
Анализите на Светската здравствена организација покажуваат, како што дополни извршната директорка, дека високите акцизи придонесуваат за зголемување на нерегистрираното производство и трговија.
Пеева – Ѓуриќ предупреди и дека следната година се очекува поскапување на пивото за најмалку 5 отсто во светски рамки поради сушната година и раст на трошоците.
Во Македонија по воведувањето на лиценците за продажба на алкохол во 2008 година, над 5.500 помали трговски објекти од вкупно регистрираните 13.000 се откажале од оваа дејност со што драстично се намалил вкупниот промет во трговијата на мало.