Наша заедничка цел како мала земја е да постигнеме повисоки стапки на раст од просекот на регионот, да ги стимулираме оние што создаваат нова вредност, а тоа сме ние -реалниот сектор, меѓусебно да се почитуваме зашто тоа е основа за напредок, порачуваат компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија која денеска одбележува 97 години работење.
-Денес одбележуваме 97 години заедништво со македонскиот бизнис и 1096 денови до стогодишниот јубилеј. Не нарекувале на различни начини, и праведно и неправедно, но ние секогаш сме биле едно-Комора на успешните компании. Нема институција во државата што поседува капацитет со материјални и човечки добра како нашата Комора. Илјадници инженери, економисти, правници, магистри, доктори на науки е потенцијалот кој мора да се стави во функција на развојот. Ние сме партнери на државата со која имаме иста цел-членство во НАТО и ЕУ. Тие се наша голема одговорност, нагласува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во пораката по повод годишнината.
Комората, традиционално, им додели признанија на најуспешните фирми.
Меѓу бројните гости на церемонијата се и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и претставници од други комори, бизнисмени, претставници од амбасади и меѓународни организации.