Потрошените речиси една милијарда евра земјоделски субвенции во изминатите години, не дадода резултат. Нестабилно е производство на пченица, приносот е под четири тони на хектар, сортите за семе се лоши, а технологијата застарена. Сточниот фонд се намалува, увозот е зголемен, од традиционален производител на млеко, земјава денес е голем увозник.
Ова се само дел од оценките на Стопанската комора на Македонија за актуелната состојба во агро секторот. Комората денеска на прес-конференција излезе со конкретни мерки кои, како што беше речено, се во насока на драстичен, длабок рез и серизоно преструктуирање.
Редно е, истакна Васко Ристовски од Комората, од традиционално, да преминеме на професионално земјоделство, да се исфилтрираат вистинските од квази земјоделците. Тоа ќе треба да го поддржи и државата. Ќе мора да се донесат сет координирани мерки за да тргнеме по вистинската патека.
Распределба на субвенциите, не по површина, туку по предаден килограм производ во регистрирани преработувачки капацитети, промена на сортиментот, окрупнување на земјиштето, инфраструктурно уредување и дигитализација на руралните средини, формирање кооперативи, како и поддршка на големите компании, се клучните препораки на Стопанската комора за развој на земјоделството.
– Од 20 милиони евра поддршка во 2006 година до скоро 200 милиони денес, потрошени се речиси една милијарда евра за земјоделството, но резултатите се поразителни. Начинот на субвенционирање мора да се смени за конечено да се разграничат вистинските земјоделци, професионалците, од оние кои добиваат поддршка, но не прават ништо за развој на производството. Мора еднаш да се направи пресек за некои работи, што можеби е болно, но само така за кратко време фармерите ќе се преструктуираат и ќе тргнеме во вистина насока ако сакаме да движиме кон ЕУ. Доста беше веќе традиционално производство, треба да се поддржат бизнис ориентираните, професионални производители, истакна Ристовски.
Комората акцент става на месната, млечната, винската и мелничко-пекарска индустрија, но смета дека не помалку битни се и останатите сегменти од агро секторот.
-Потребно е интервентно решавање на суштинските проблеми во млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството за да се зачуваат сточниот фонд, лебното жито и лозарството. Дури потоа може да се размислува за стимулативни мерки кои ќе носат раст, посочи Ристовски.
Во делот на млекарството, Комората предлага воспоставување рамнотежа меѓу откупната цена на млекото и неговиот квалитет, како и субвенциониран трансфер на молзна стока од мали кон поголеми фарми за да дојде до пренасочување на сите молзни крави во поголемите фарми што, пак, ќе значи поголема ефикасност и профитабилност, подобрување на квалитетот на млекото и намалување на огромните логистички и пред се, транспортни трошоци на млекарниците.
Во месната индустрија која се соочува со нелојална конкуренција и недостиг на суровина за преработка, одлуката на Владата за безцарински увоз на свинско замрзнато месо како инпут ги даде првите позитивни резултати веднаш со воведувањето, оценува Комората. Иако реалните економски ефекти на одлуката донесена во јуни 2018 почна во четвртиот квартал на 2018, позитивните резултати се повеќе од задоволителни. Со вакво темпо, како што истакна и Ристовски, се очекува месната индустрија повторно да стане нето извозник и да остварува забележителен девизен прилив. Исто така, економските ефекти од воведената автономна мерка на Владата претставува дополнително оправдување за барањето на домашните преработувачи на месо и преработки од месо истата да се преточи во постојано законско решение за потребите на месната индустрија.
За подобрување на состојбите во винарството и зголемување на пласманот, Комората сугерира ревизија на субвениционирањето на лозарството, односно воведување поинаков начин кој ќе води кон подобрување на квалитетот на грозјето и на виното, окрупнување на индивидуалното производтсво на грозје и поттикнување на создавање кооперативи, воведување страндарди на национално ниво за лозарство и винарство, итни измени во Законот за вино и донесување регулатива за регистрација на географски ознаки за вино според Европската регулатива, определување стратешки буџети за интернационална промоција на флаширано вино, како и користење модерни техники и приспособување на производството кон пазарот и кон барањата на винарниците од страна на домашните лозари.
Во делот на мелничката индустрија, според комората, треба да се изнајде начин за дополнително субвенционирање на домашните земјоделци или производителите на пченица по предаден килограм пченица кај лиценциран откупувач по класи на квалитет со што нашето лебно жито би имало конкурента цена во опкружувањето, а исто така и мелниците конкурентно брашно. Неопходна е и целосна котрола на пуштањето во промет на увезеното брашно и придржување до постоечкиот Правилник за квалитет на брашното при увоз, односно да не се пушта увозно брашно во промет додека АХВ не даде дозвола по направени анализи за квалитет од акредитирана лабораторија.
На новинарско прашање за продажбата на државното земјоделско земјиште – мерка што ја најави премиерот Зоран Заев, Ристовски одговори дека во овој случај точно мора да се знаат начинот и принципите по кои ќе се врши овој процес.
-Уште кога се покрена ова прашање, пред седум-осум години, Комората беше јасна како се продава земјиштето, по кои правила и како треба да се заштитат правата на државата, повикувајќи се притоа на најдобрите искуства. Не смее да има политиканство и други игри. Земјиштето и при распределбата и при продажбата мора да се даде на професионалци, да заврши во вистински раце – кај оние што ќе го работат, кај професионалните фармери. Секое друго пренасочување и распределување нема да даде ефект и ќе биде промашена мерка, дециден е Ристовски.
Тој на прес-конференцијата информира и дека компаниите од агро секторот по првите месеци од корона кризата кога беа откажани голем дел од нарачките, полека се консолидираат. Со закрепнувањето на европскиот пазар и тие се враќаат на посакуваниот колосек.