Американскиот режисер Оливер Стоун ги обвини западните медиуми дека го искривуваат имиџот на рускиот претседател Владимир Путин.
– Тој не е чудовиштето што го претставува американската пропагандна машина, изјави Стоун за време на гостувањето во емисијата „Остани слободен“ чиј водител е британскиот актер и активист Расел Бренд.
Стоун истакна дека додека го снимал интервјуто со Путин, на Путин му поставувал директни и искрени прашања и дека не почувствувал воинственост кај рускиот претседател. Тој нагласи дека Путин во разговорот упорно ги нарекувал САД „американски партнери“.
Стоун истакна дека Русија и Кина, кои сега се сметаат за главни непријатели на САД, биле партнери и потенцијални пријатели на Америка пред неколку години, но дека Вашингтон не ја искористил таквата можност, пренесе ТАСС.
Стоун е режисер, сценарист и продуцент кој има добиено три Оскари, една награда БАФТА и пет Златни глобуси. Во септември 2016 година, тој заврши документарен филм за Путин заснован на десетици интервјуа со рускиот претседател во текот на две години.
Премиерата на документарниот филм во Русија и ширум светот беше на 12 јуни 2017 година.