Во сликата мора да има емоции, чувства, доживувања… Затоа луѓето кои ги гледаат моите дела тоа го чувствуваат. Всушност тоа е и мојата цел, да допре до нив и да ги пробуди нивните емоции.
Ова за порталот Струмица денес го истакнува уметникот Александар Филев, автор на циклусот слики со мотиви од религијата, насловена „Страдањата на Исус“.
Филев е роден во 1982 година во Струмица. Завршил средно образование во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, потоа и Факултетот на ликовни уметности на отсекот сликарство со конзервација и реставрација во класата на проф. Благоја Маневски.
Филев од 2001 година е асистент во отвореното студио за современ мозаик. Учествува во изработката на монументалните мозаици во Меморијалниот центар во с. Пелинце, како и во повеќе ликовни проекти и групни изложби.
Неговите дела се наоѓаат во многу приватни и државни збирки и институции, меѓу кои и во Меѓународната струмичка ликовна колонија, Музејот за современ мозаик Брациано – Италија, но и како мозаични решенија на повеќе сакрални објекти.