Јана и Нилс од Германија се воодушевени од македонските убавини и од тиквешкото вино. Решиле дел од своето време да го поминат за да видат дел од светот и како туристи ја посетија и Македонија.
Започнале со Албанија, па во посета на нашата земја, а на листата за следни дестинации беа Бугарија, Турција, Истокот.
– Тргнавме на почетокот од април. Планирано ни е, шест месеци до година дена да уживаме, патувајќи низ повеќе држави, открија тие, кои беа во посета на Спомен костурницата во Кавадарци.
Кога разговаравме со нив, веќе имаа поминато некое време во Кавадарци, а неколку дена им беа резервирани за да посетат македонски убавини. Нешто беа виделе, како Охрид и Пелистер, нешто допрва требаше да видат. На агендата им беа посети на нашите национални паркови, но и на Скопје, места за кои претходно читале дека е убаво да се доживеат, да се проба традиционалната храна од македонското поднебје. Уживале во морето од лозја во Тиквешијата, посетиле винарија, дегустираа вино произведено во Тиквешијата. Во најпознатиот македонски вински регион, Тиквешкиот, ги фотографиравме крај грозјето симбол на портите од Костурницата, од каде што се гледа најубавата панорама на Кавадарци.
Заеднички го посетивме и Винскиот музеј во кавадаречкиот градски парк. Таму дегустиравме и вино, а имаа можност и да се запознаат со историјата, традицијата и културата на тиквешкото лозаровинарство.
– Многу ни се допадна виното. Многу беше убаво се што посетивме. Во една од кавадаречките винарии си купивме и неколку шишиња суво црвено вино, такво ни е омилено, раскажаа гостите од Германија.
Пред да тргнат во оваа авантура, патувајќи со автомобил, тие биле работно ангажирани, сега одлучиле да прошетаат дел од светот, а кога ќе се вратат, повторно ќе им се посветат на своите професии. Таа е доктор, а тој инженер. Професии, за кои што, како што заеднички искоментиравме, насекаде во светот има можност за вработување и себедокажување.
Во музејот, меѓу другото, тие имаа можност да го видат апаратот за мерење на шеќерност во виното од 1534 година, 115. таков предмет во светот. Тие се заинтересираа и за еден од поинтересните постари експонати, таканаречениот фрижидер-ледара од 1934 година, во кој своевремено се носел лед од таканаречените ледари од месност близу Кавадарци.
Во самата музејска поставка тие видоа дека се претставени вина на винарските визби, како и на малите семејни винарии, а ја ѕирнаа и библиотеката во која има информативни содржини за тоа како се развивало винарството и лозарството.
Воодушевени од тоа што го видоа, германските туристи нагласија дека со задоволство би дошле пак, особено за време на гроздобер.
Светлана Дарудова за МИА