Министерот за цивилна заштита, Нело Мусумеци, рече дека во некои области имало половина од просечните годишни врнежи за само 36 часа, што предизвикало излевање на реките од коритата, поплавување на некои градови и илјадници хектари обработливо земјиште.

„Се соочуваме со катастрофални настани кои веројатно никогаш досега не биле видени“, изјави за новинарите Стефано Боначини, претседател на регионот Емилија-Ромања. „Извонредни количества дожд падна на земјата, која повеќе не е во состојба да го апсорбира.“

Локалните власти соопштија дека поплавите зафатиле 37 градови и општини и дека се регистрирани околу 120 свлечишта. Најмалку еден мост во близина на градот Болоња се урнал, некои патишта се оштетени, а многу железнички линии се прекинати.

Осум тела се извлечени од различни локации, изјави за новинарите потпретседателката на Емилија-Ромања, Ајрене Приоло, додавајќи дека иако дождовите стивнуваат, нивото на реките се уште расте. Ова е втор пат овој месец Емилија Ромања да биде погодена од лоши временски услови, при што најмалку две лица загинаа за време на невремето на почетокот на мај.

Поплавите уследија по неколкумесечна суша што ја исуши земјата, намалувајќи ја нејзината способност да апсорбира вода и го влоши влијанието на поплавите, велат метеоролозите. Калливата вода тече низ историските центри Фаенца, Чезена и Форли, потопувајќи ги покривите на паркираните автомобили, поплавувајќи некои продавници и принудувајќи ги локалните жители да побегнат до најгорните катови од своите домови.


Северниот град Равена, познат по ранохристијанските локалитети, исто така е тешко погоден. „Ова беше веројатно најлошата ноќ во историјата на Ромања“, изјави градоначалникот на Равена, Микеле де Паскале за јавното радио РАИ, велејќи дека 5.000 луѓе биле евакуирани само од неговиот град во текот на ноќта.

Равена е непрепознатлива поради претрпената штета. Министерот Мусумеци рече дека во некои делови од регионот за еден ден до ден и половина наврнале од 200 мм до 500 мм дожд, наспроти просечните годишни врнежи од 1000 мм.