Недоволно балансирано учество на мажите и жените во процесот на одлучување на локално и централно ниво, недоволна свест за вградување на принципот на еднаквост и недскриминација и негово кршење, потреба за економско јакнење на жените и мажите, преземање поголеми активности за заштита од родово базирано насилство…
Ова се дел од заклучоците нотирани во Годишен извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2017 година, што беше презентиран денеска пред собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Во извештајот се забележува и недоволна посветеност на законските обврски за еднакви можности на жени и мажи на одредени институции на локално и национално ниво. Истовремено се препорачува дополнителна активност за постигнување на родовата еднаквост, се констатира недоволна свест за инкорпорирање на принципот на еднаквост и недскриминација, како и кршење на овие принципи. Во извештајот се препорачува унапредување на социјална политика и намалување на сиромаштијата преку долгорочни решенија и реформи, вклучување на родовата перспектива во образовниот процес, како и засилено економско јакнење на жените и мажите, и повеќе активности на заштита од родово базирано насилство.
-Дел од овие препораки од извештајот за 2017 година, се реализирани во 2018 година, а дел се отпочнати. Но тоа ќе го има во извештајот за 2018 година, рече Ѓултен Мустафа, раководител на сектор за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика.
Претставниците на невладиниот сектор имаа забелешки, меѓудругото и на ваквиот начин на разгледување на извештајот за 2017 година, на почетокот на 2019. Тоа, рече, Марија Савовска од „Акција здруженска“, нема логика и побара во иднина извештаите да се разгледуваат веднаш по истекот на годината на која се однесуваат.
Според неа, спорно е и кој и за што известува, и врз основа на што го се прави извештајот. На ваков начин, рече Савовска, не може да се утврди каков напредок е остварен во периодот што се разгледува. Затоа таа побара освен овој извештај од институциите собраниската комисија да разгледува и извештаи од сенка, кои, како што рече, ќе можат да понудат повеќе информации.