Слаѓана Стојкова Костоски
Чаршијата беше централен нервен систем на животот во Струга. Се што требаше, но и не требаше се случуваше токму тука, во срцето на градот. Со овие реченици го почнавме разговорот со пензионираниот струшки педијатар доктор Климент Матоски.
Со голема носталгија, но и со тага за она што се случува денес со струшката архитектура, 85 – годишниот хроничар на Струга се наврати на детството поминато во чаршијата, вредностите кои таа ги имала во себе, дружбите, лекарските предизвици, животот во градот на мостовите, Струшките вечери на поезијата….
Струга град на занаетчии
Потекнува од старо занаетчиско семејство, а и самиот е дипломиран кувенџија, филигран, јувелир и златар. Занаетот го учел од дедо му и татко му, а со својата умешност ги надминал учителите. Но сепак, љубовта кон медицината и желбата да помага си ја остварил со упис на Медицинскиот факултет во Скопје. Целиот работен век го минал во родната Струга како педијатар во Струшката болница. Автор е на голем број научни трудови, докторски дисертации и истражувања од областа на педијатријата.
Струга, вели, беше град на занаетчии. Во чаршијата имало од златари до налбати, ковачи, лимари, столари, забунџии (што изработувале селска носија), шнајдери (машки и женски, вообичаени и модни) кондураџии, самарџии, кожари, бакалници, кафеџилници, гостилници, пекари.
– Чаршијата ми е во душата. Детството и целата младост ја поминав таму. Чаршијата беше буквално централен нервен систем на животот во Струга. Срцето на Струга. Времињата се променија. Сега нема ниту еден занаетчија, со емоции забележува Матоски.
Иако во детството неможел да си дозволи игри и однесување како неговите врсници, бидејќи бил дел од еснафот, сепак не жали за деновите поминати во семејната работилница.
– Бев дел од еснафот бидејќи го учев занаетот и морав да се однесувам според тој кодекс. Дедо ми Ристо, еден од најстарите кувенџии, беше неверифициран шеф на чаршискиот еснаф, раскажува Матоски потенцирајќи дека улогата на еснафот била толку голема, што без негово одобрување неможел никој да отвори дуќан во Чаршијата, па дури ни државните челници.
Трошни куќи полни со љубов и детски џагор
Трошните куќи изградени од плитер цигли и малите занаетчиски дуќани ја отсликуваат старата струшка архитектура. Денеска за тоа сведочат фотографиите и може на рака да се избројат објектите кои ја задржале автентичноста. Наспроти тоа градот му пркоси на модерното време, со модерни куќи, згради, трговски центри, продавници, хотели, ресторани, кафулиња….
– Струга полека умира пред нашите очи. Неможете да ја препознаете од лани до годинава. Толку многу се менува. Живеевме во стари плитерски трошни куќички со по една – две собички, без водовод и канализација. Ги немавме придобивките на новото време, но бликаше еден многу поинаков живот. Дали беше поубав? Неможе да било поубаво да живеам без вода, канализација, санитарни уреди какви што имаме сега, дополнително технологија, дигитализација… Живеевме еден вообичаен тивок живот. Но, токму тој сиромашен живот ги спојуваше луѓето во нешто нераскинливо, во некоја душевна блискост, вели Матоски.
Кога во маалото ќе се родело бебе сите комшии се радувале. Децата заедно растеле на улица.
– Денешните куќи и згради се градени според сите стандарди, но голем дел се празни, ја нема таа топлина. Луѓето си отидоа, нема деца. Тоа е толку тажно, забележува Матоски, кој располага со дигитализирана архива од над 45.000 фотографии преку кои го отсликува животот во стара Струга.
Животот не смее да се брза – животот е тркало
Со брзото темпо на живеење, модернизацијата, дигитализацијата, трката за профит, луѓето несвесно го претрчуваат животот.
-Животот не смее да се брза од причина што и без тоа е краток. Сега со ова темпо на живеење со модернизацијата, дигитализацијата се ми личи на некакво трчање, забрзување. Животот не треба да се претрчува оти толку брзо доаѓа староста што луѓето не се свесни за тоа, забележува 85-годишниот пензиониран лекар.
Со горчина говори за денешниот пристап на неговите колеги и вниманието што им го посветуваат на пациентите, навраќајќи се на неговите професионалните ангажмани и времето поминато со пациентите во болницата, како и теренските активности надвор од работното време.
-Не им се посветува доволно време на пациентите денеска. Кога почнав да работам јас бев шести доктор за Струга и околината, сега има 600 доктори па се преморени. Неможам да го прифатам тоа. Над 900 слободни денови никогаш не ги искористив, многу родендени, имендени, празници ги поминав со пациентите, вели Матоски нагласувајќи дека Болницата е на само 200 метри од неговиот дом, а со денови не се враќал дома.
Потсети дека животот е тркало, а тоа го споделува и во неговата необјавена книга „Докторот од другата страна на шалтерот“, која треба да им биде лекција на денешните лекари.
– Сега јас сум од другата страна на шалтерот, сега мене ми треба доктор. Чекајќи да ме прозват како пациенти од чекалната согледувам каде сум грешел како доктор. Сето тоа е преточено во книга која ја чека светлината на денот, која треба да биде лекција за денешните лекари, посочува пензионираниот доктор.
Струга град на мостовите
Струга, не случајно го носи епитетот град на мостовите. За тоа сведочат неколкуте мостови гордо поредени на реката Црн Дрим. Во минатото бројката била далеку поголема. Покрај неколкуте големи мостови, кои ги поврзувале двата брега на реката, чие корито нерегулирано било распослано низ цело поле, секое маало си имало свое мосте со неколку скалички, што служеле за перење облека и полнење техничка вода за дома.
– Со кофи и ѓумови полневме вода од Дрим и носевме дома. Тука се переше во сите годишни времиња. Такви мостиња имаше 10-тина од едната страна на Дрим и уште толку од другата страна. Главен мост беше Чаршискиот, беше дрвен, изграден од греди. Тука се одвиваа сите средби на момчињата со девојчињата, дружби на граѓаните, занаетчиите… Се споделуваа спортски резултати, а од истиот мост се осветуваа и водите за Војордание, се навраќа Матоски.
По донесеното решение за сушење на струшкото блато, во 60-тите години на минатиот век направена е регулација на речното корито и истекот од Охридското Езеро.
-Струга беше едно мало островче, а се околу беше мочуриште (блато). Заради тоа имаше многу комарци, кои предизвикуваа огромни епидемии од маларија. Тогаш се спушти дното на Дрим, се направија кејовите, се повлече водата и се исуши струшкото блато. Струга се видоизмени, ги снема тие мостиња, раскажува Матоски.
Историјата за Струга, доктор Климент ја пренел во монографијата „Струга во мојата душа“. Во книгата е содржан целиот негов живот, ја опишува Струга, Чаршијата, мостовите, струшкото блато, рибарењето, Струшките вечери на поезијата, обичаи, празници, спортски настани… Покрај оваа, автор е и на книги посветени на неговото професионално работење како доктор, а добитник е и на голем број награди, признанија и повелби, меѓу кои и за најстар активист на Црвениот крст на Република Македонија и највисоката награда од Лекарска комора на Македонија – „Свети Наум Охридски“ за доктор на годината во 2001 година.
Фото: архива на доктор Климент Матоски