Македонската ракометна репрезентација во струмичката сала „Парк“ го одигра последниот квалификациски меч против Грција за заверка на првото место, а еден навивач со знаме со сонцето од Кутлеш веднаш наиде на проблем со обезбедувањето, кое се обиде да му тргне знамето, пишува „Струмица денес“.
Според порталот, Грците во „Парк“ ги дочекаа свирежи при интонирањето на химната, а и неколку знамиња, покрај државните, со сонцето од Кутлеш, за што со години реагираат јужните соседи. По интонирањето на македонската химна, обезбедувањето се обидело да му го земе „спорното знаме“ на навивачот, па веднаш влегле во расправија, откако навивачот гордо го веел по завршувањето на химната на Македонија, бележи „Струмица денес“.
„Не си одам поради знамето со Кутлеш, ќе мора сосила да ме изнесете“ им порачал навивачот на луѓето од обезбедувањето.
Порталот не пишува како завршила расправијата и што се случило со знамето, но и ова е доволно за да го покаже срамот на кој сме изложени.